Извршителите им вратиле на доверителите 1,2 милијарди евра во изминативе 11 години. Тоа не се пари што ние сме ги одземале од граѓаните, туку тоа се пари што тие ги должеле некому, а правото на доверителот не е ништо помало од правото на должникот, вели претседателот на Комората на извршители Зоран Димов, по острите обвинувања во јавноста упатени на нивна сметка.
Граѓаните обвинуваат дека им се одземаат пари од сметка без претходно известување, дека нивните долгови стануваат многукратно поголеми во однос на она што тие го должат, дека извршителите се богатат на нивен грб…
Слушнавме многу критики на адреса на извршителите. Ја оправдуваат ли извршителите својата професија и заработка?
– Извршителите се професија со јавно овластување, која придонесе да се измени сликата во Република Македонија во однос на ефикасноста на системот на извршување и престанавме да бидеме цел на критики на Европската Унија на ова поле. Законот за извршување, кој почна да се применува од 2006 година, придонесе извршувањата на предметите од 3 до 4 проценти уште во првата година да „скокнат“ на 47 проценти.
Така, Законот за извршување, всушност доведе до дисциплинирање на граѓаните да си ги плаќаат долговите, но и да не им се случува да плаќаат долгогодишни камати, поради брзата постапка. На сите граѓани месечно им се издаваат околу 1,2 милиони комунални сметки, односно годишно се издаваат 14 милиони сметки, а кај нас, на извршување за една година стигнале само 120.000 сметки, а тоа се помалку од 1 отсто од граѓаните што влегле во системот на извршување.
Но, дали самиот процес на извршување мора да биде толку скап? Во јавноста се пренесоа фрапантни бројки за тоа колку извршителите наплатиле за постапката?
– За една неплатена сметка за струја, се ангажира цел државен апарат. Најпрво се ангажира адвокат да ја напише тужбата, па потоа работи нотар за да даде налог, па работат доставувачи, ако се даде приговор – работи суд, дактилограф записничар, па потоа топката оди кај извршител, кој има најмал удел во целата сума, ама ние ги земаме парите и револтот кон нас е насочен. Наградите за малите предмети за нас се од 4 до 5 евра.
Од 2012 година, според Законот за извршување, влегоа нотарите и адвокатите, а тоа значи и нотарските и адвокатските трошоци. Дотогаш најголем дел од доверителите, меѓу кои и јавните претпријатија сами си ги оформуваа тужбите, платните налози и барањата за извршување, а оттогаш целиот процес се врши преку адвокат, што настанаа дополнителни трошоци.
Какви предмети најмногу доаѓаат кај вас?
– Најголемо е учеството на комуналните сметки. Е сега, многу луѓе се жалат – не сум добил решение од нотар, не сум добил известување. Од она што може да го видиме на теренот е дека многу луѓе се пријавени на една адреса, а всушност живеат на друга. Оттаму се иселиле уште пред две децении.
Всушност, каква е процедурата. Кој треба да ги извести должниците за долгот? Затоа што, како и што самите рековте, многу граѓани велат дека сметките им се блокирани без никакво известување.
– На пример, немате платено сметка за струја. ЕВН ви испраќа сметка. Ако, еве, не ви стигнала, ќе стигне следната, па во неа има напишано дека имате долг. Но сите комунални компании чекаат барем три сметки па да поведат некоја постапка. Кога поведуваат постапка, ангажираат адвокат за да им напише барање за издавање платен налог, кој пак го издава нотар. Тогаш нотарот треба да ви достави платен налог, ако не се согласувате може да приговорите во рок од 8 дена. Приговорот се поднесува до суд, па се викаат двете странки и се носи одлука во полза на должникот или доверителот, ако е во полза на доверителот – должникот ќе мора да си ги плати и судските трошоци. Но, и на оваа судска постапка постои право на жалба до Апелацискиот суд. Цело време течат камати, а кога ќе се добие правосилна одлука, тогаш доаѓа кај извршителите, кои исто така секогаш испраќаат до должниците налог за известување, секако доколку успееме да ги најдеме на адресата што ја имаме.
Ние постапуваме само ако има два печата – на правосилност и на извршност. Законот е таков што, ако не се најде тужениот на наведената адреса, тој се објавува на судската табла. А таму кој проверува… По седум дена на таа табла, може да се стават потребните печати.
Но, чесно е да кажам дека имаме и случаи кога луѓе се отселиле, а ние сме добиле и правосилно и извршно решение, или што е уште понебулозно, човекот умрел пред 5 години.
Можно ли е извршителите да ја блокираат целата банкарска сметка на должникот, а не само една третина од плата?
– Постојат два вида извршување. Едниот е преку плата, а другиот преку банкарска сметка. На плата, освен за алиментација кога може да се блокира и една половина од нејзината висина, во присилната наплата се одзема една третина. Кога имаме податоци за тоа каде е вработен должникот, ние обично за помали износи наплатата ја вршиме преку плата. Но, ако немаме податоци, и ако станува збор за поголем износ и за пари што се предмет на судската наплата, а за кои претпоставуваме дека се на сметка, тогаш ја блокираме целата сметка.
На банкарска сметка ние не знаеме од каде се парите. Можеби се од плата, но можеби должникот има и многу други приходи. Затоа ја блокираме целата сметка, но парите веднаш не ги префрламе на доверителот, туку ги чуваме на посебна сметка и оставаме можност од 15 дена во очекување должникот да дојде кај извршителот и да презентира потврда од работодавецот за висина на плата, па по потреба го менуваме средството з извршување.
Токму од овие причини, ние долго време се залагаме парите од плата да одат на посебна трансакциска сметка на граѓаните.
Што очекувате од измените на Законот за извршители?
– Повеќе работи очекувавме, ама не ги гледаме во она што се подготвува. Но, како посебно што би било добро за граѓаните, а што не се внесува во законот, е потребата да може да се повлекуваат пари со еден налог од сите банкарски сметки. Сега, ако ние дадеме налог, на пример, во Комерцијална банка, ќе се блокираат и сите други банкарски сметки, но од нив нема да се повлечат пари. Ние можеби ќе ја погодиме сметката на која немате пари, а вие сте на одмор и од таа што имате пари не можете да си ги повлечете. Тоа е многу лошо законско решение!
Весна Дамчевска
„Слободен печат“