Подготовките на сите потребни услови за успешна реализација на претстојните претседателски избори и предвремени локални избори во трите општини, Дебар, Охрид и Ново Село, биле теми за кои разговарале премиерот Зоран Заев на средба со членовите на Државната изборна комисија (ДИК) и претседателот Оливер Дерковски, соопшти Владата.
– Владата дава принципиелна поддршка, согласно законските овластувања, да обезбеди реализација на законските потреби на Државната изборна комисија, затоа што организирани слободни и фер избори се врвна демократска придобивка, се јакне демократијата и се отстрануваат сомнежи за какви било нерегуларности – рече премиерот Зоран Заев на средбата со членовите на ДИК.
Претседателот на ДИК, Деркоски и членовите на Комисијата посочија дека таа работи професионално и го информираа премиерот Заев за преземени активности, меѓу кои активна и ефикасна едукација на членовите на Избирачките одбори, како и на Општинските изборни комисии со цел навремено, достоинствено и целосно да одговорат на законските обврски пред граѓаните.
– Максимално сме посветени, со зголемен интензитет на ангажирање на луѓе и логистика, согласно законските прописи, да ги оствариме приоритетите и целите за реализација на фер и демократски избори – рече Деркоски.
На работната средба, сите учесници се согласија дека одржувањето на избори е тест за политичката зрелост на државата и изразија подготвеност и посветеност за максимална транспарентност, почит и кредибилитет на претстојните претседателски избори и локални избори во три града во државата.