Џафери со двоен потпис ќе го издрибла Иванов

Се очекува од собранискиот спикер како втор човек во државата да стави двоен потпис на указот, оти нашиот правен систем предвидува дека волјата на парламентарното мнозинство е посилна од волјата на претседателот на државата, објаснуваат експертите

4684

Истече предвидениот рок во кој претседателот Ѓорге Иванов требаше да го потпише указот за Законот за употреба на јазиците, но како што неофицијално потврдија од претседателскиот кабинет, шефот на државата одлучил да не го менува своето мислење и да не го аминува указот. Според првиот парламентарец Талат Џафери, претседателот ризикува да заработи кривична пријава затоа што со непотпишувањето на указот го прекршил Уставот, но извори од владејачкото мнозинство брифираат дека и сега не е сè загубено, бидејќи како што велат, сè уште постои можност Законот за двојазичност да се објави во „Службен весник“ и без потписот на Иванов, односно со двата потписа на Џафери. Слични примери имало и во минатото, тврдат нашите соговорници, кои посочуваат дека секогаш кога требало да се донесе некаков закон, а претседателот на државата токму во тој момент бил заминат на службен пат, тогаш собранискиот спикер како втор човек на државата имал право да стави двоен потпис и најчесто го правел тоа. Политичките аналитичари, пак, потенцираат дека најочекуваното и најверојатното сценарио во моментов е Џафери да стави двоен потпис, оти како што велат, нашиот правен систем предвидува дека волјата на парламентарното мнозинство е посилна од волјата на претседателот на државата.

Кој е планот „Б“?

На прашањето кои се следните чекори со оглед на тоа што претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша указот за Законот за двојазичност, собранискиот спикер Талат Џафери лаконски и загадочно изјави дека постојат повеќе варијанти. Тој посочи дека Уставот на Република Македонија не остава можност за алтернатива, туку како што рече, претседателот Иванов имал обврска да го потпише указот во согласност со член 75 од Уставот.

Џафери одбегна да открие детали за планот „Б“, кој треба да се спроведе кога веќе Иванов го активираше „џебното вето“, а исто така не сакаше да открие дали како втор човек на државава планира да го потпише указот на двете места со цел да се објави во „Службен весник“ и да стапи на сила.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека секој обид да биде погазена институцијата претседател на државата ќе повлече дополнителна одговорност за сторителите.

– Директорот на „Службен весник“, доколку се обиде да го објави Законот за двојазичност без потпис на претседателот Иванов, свесно ќе стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување – рече Орце Ѓорѓиевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека Талат Џафери дури и да го потпише законот на местото наменето за Иванов, тоа нема да биде валидно затоа што тој не може да го заменува шефот на државата кога тој во целост си ја врши својата претседателска функција.

– Уставот мора да се почитува. Нема закон без потпишан указ од претседателот на државата, а доколку некој се обиде и се осмели да го прекрши Уставот, тој ќе сноси и соодветна кривична одговорност – рече Ѓорѓиевски.

Македонската историја памети закон чиј указ двапати го потпишал претседателот на Собранието. Таков е примерот од 1998 година кога имаше ваков обид од тогашниот спикер Тито Петковски по повод донесувањето на Законот за знамиња на националностите. Петковски тогаш се потпиша на указот наместо шефот на државата Киро Глигоров, кој беше заминат на службен пат. По ова, законот за знамиња беше објавен во „Службен весник“ со двата потписа на Петковски. Сепак, една година подоцна Уставниот суд оцени дека законот е неуставен, како и дека е неуставен указот потпишан од Петковски. Според одлуката на судот од 18 ноември 1998 година, уставните судии констатираа дека указот е потпишан од собранискиот спикер во својство на претседател на државата иако на шефот на државата не му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши.

Потписот на Иванов е непотребен

Најверојатното и најочекуваното сценарио во овој момент е собранискиот спикер Талат Џафери да стави двоен потпис за Законот за двојазичност, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Тој посочува дека нашиот правен систем предвидува дека волјата на парламентарното мнозинство е посилна од волјата на претседателот на државата, па како што вели, Иванов не може со инаетење да ја блокира целата работа.

– Освен правната, тука постои и политичка причина поради која сметам дека Законот за употреба на јазиците ќе биде донесен без потписот на Иванов. Овој закон му е многу важен на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а очигледно премиерот Зоран Заев и владејачката СДСМ прифаќаат да ја платат цената. Во секој случај, законот ќе се протурка со или без благословот од Иванов, меѓутоа треба да се направи некаков правен преседан. Ако навистина е важен правниот систем во земјава, сметам дека најдобро би било да се побара мислење од Уставниот суд пред да се однесе указот на двојно потпишување кај Џафери. Потребно е да се има правно-квалификувано мислење кое ќе потврди дека ова што го прави Иванов не е во ред – објаснува Арсовски.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери, пак, вели дека Иванов бил должен да го потпише указот и дека тој не смеел да го одбие потпишувањето.

– Кога веќе одби да го стави својот потпис на указот и кога веќе го прекрши Уставот, сметам дека најпаметно и наједноставно е да го занемариме тој факт и да се однесуваме исто онака како да го потпишал. Нашиот законодавец, односно творецот на законите во Македонија не ги предвидувал овие ситуации, но во светот постојат безброј примери кои укажуваат на тоа дека кога еден закон е двапати изгласан од парламентарното мнозинство, тој ист закон воопшто не треба да зависи од потписот на претседателот на државата – објаснува Зибери.

 

Мартин Богатиноски

„Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...