Од 12 до 15 часот денеска не можеа да се забележат автомобили во центарот на Гостивар.
Сообраќајот беше прекинат во централниот дел, а, како што е пофалија од ПР-службата, градоначалникот Арбен Таравари и општинските службеници денеска на работа отидоа пешки.
Оваа активност „Ден без автомобили“ се спроведува по иницијатива на Таравари, а во нејзиното спроведување помогнаа полициската станица во Гостивар и невладините организации.
Во изјавата до медиумите, Таравари истакна дека целта на оваа активност е намалување на загадувањето на воздухот како една од главните цели за овој четиригодишен мандат.
– Останувам посветен на остварување на трите поставени цели за овој мандат, односно намалување на загадувањето на воздухот, решавање на проблемот со регионалната депонија и филтрирана вода за пиење. Во однос на загадениот воздух, нашите инспектори се активни на терен и во делот каде што Општина Гостивар има овластувања, се е во ред. Воедно, подготвуваме акционен план против аерозагадувањето, при што ќе ги вклучиме и невладините организации чија што активност е насочена кон заштита на животната средина. Истовремено, сме аплицирале во прекуграничен проект со една албанска општина за воведување на градски превоз во Гостивар и се надеваме дека истиот ќе ни се одобри, што значително ќе го намали аерозагадувањето – истакна Таравари.
Тој подвлече дека иако имаме загаден воздух во одредени периоди од годината, како што беше случајот особено во јануари, Гостивар не е на врвот на листата на најзагадени градови на ниво на земјата.