Владејачката партија СДСМ за утре попладне закажала состанок на Извршниот одбор, брифираат партиски извори за Плусинфо.
Состанок се најавува веќе подолг период и од него се очекува конечно да биде познато дали власта ќе ја прифати фрлената ракавица на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори напролет заедно со претседателските.
Пред повеќе од две недели, на 25 јануари, на Бихаќка се одржаа состаноци и на Извршниот и на Централниот одбор, но тогаш не падна конечна одлука. Генералниот секретар на партијата, Александар Кирацовски изјави дека „провејувале“ различни ставови и сите ќе се земат предвид, а Централниот го овласти Извршниот одбор да пресече дали ќе има двојни избори.
Повеќето високи функционери на СДСМ, меѓу кои и партискиот лидер и премиер Зоран Заев, во јавноста изминатиот период настапија со став дека ако ги гледаат партиските интереси, тогаш им одговара одлуката да се распишаат и парламентари бидејќи се убедени дека ќе освојат мнозинство и ќе добијат нов четиригодишен мандат. Меѓутоа, од друга страна, тука е и мислењето дека државата не треба да губи време и да го ризикува отворањето на преговорите со ЕУ, дека треба да се посвети на очекуваните реформи и на економијата.
Освен одлуката за двојни избори, паралелно во СДСМ се бара и претседателски кандидат. Анкетите се спроведуваат, а пред точно една недела партијата отвори и повик за доставување кандидатури за претседателските избори. Во јавноста најмногу се шпекулира со имињата на Стево Пендаровски, Никола Димитров, Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, но официјално досега од партијата не соопштија дали и кој од нив се јавил на повикот.
Во меѓувреме, поранешниот македонски амбасадор, Ѓорѓи Филипов, денеска се пријави на овој повик.
Но, пред да се избере кандидатот на владејачката партија, се очекува прво да падне и одлука дали СДСМ и ДУИ ќе се договорат за консензуален кандидат. И покрај изјавите кои излегуваа минатиот период, како онаа на Ахмети дека на туѓа свадба непоканет не оди и не може да поддржи кандидат кој СДСМ ќе го гласа на свој партиски конгрес, коалиционите партнери оставаат простори заедно да застанат зад едно име.
Без разлика дали ќе биде однапред договорен консензуален или свој кандидат, името формално социјалдеморкатите ќе го потврдат на конгрес на 3 март.