Јапонската тенисерка Наоми Осака истакна дека поради Серена Вилијамс почнала да игра тенис и дека дуелот и победата над Американката е остварување на нејзиниот сон.
Шампионката од Индијан Велс ја совлада една од најдобрите тенисерки на сите времиња во првото коло од Мастерсот во Мајами.
– Поради неа се одлучив да играм тенис, така што ова е остварување на мојот сон. На неа се огледувам и често се прашувам што Серена би направила. Само сакав Серена по натпреварот да знае која сум јас – истакна јапонската тенисерка.
Таа не го криеше одушевувањето и додаде дека Серена по натпреварот на мрежата и рекла дека „завршила добра работа“.
– Се надевам дека ќе продолжам со добрите игри и во Мајами и зошто да не освојам уште еден Мастерс трофеј – нагласи 20-годишната Јапонка.
Осака оваа сезона игра во одлична форма и има само четири порази, а во второто коло во Мајами ќе се соочи со четвртата носителка Украинката Јелена Свитолина.