Насилството врз жените и девојките ќе се третира како кривично дело и тоа без разлика дали е физичко, психичко, на работното место, јавен простор или најновото, сајбер насилство. Ова се некои од законските измени, што Македонија треба да ги направи – изјави Бети Пеева од НВО „Ехо“ од Штип.
Пеева е вклучена и во пилот проектот кој се спроведува во Штип и во Струмица, вели дека насилниците на овој начин ќе одговараат согласно Кривичниот законик, а за тоа колкава ќе биде затворската казна, треба да каже експертската јавност. Хрватска и Србија се држави каде што ова е веќе направено, а Македонија и Косово во моментов го работат.
– Она што дефинитивно инсистира Истанбулската конвенција е всушност дека треба да се има многу широк, мултусекторски интегративен пристап во спречување и заштитата на жените и девојките од насилство. Меѓутоа и ова да се третира како кривично дело. Секое насилство врз жени и девојки да се третира по службена должност, односно како кривично дело – вели Пеева.
Во новите законски измени ангажирани се експерти, невладини организации и од министерствата, а придонес има и телото на ООН за родова рамноправност и жени, што и претходните години дало силна поддршка за овој процес да се истурка.
– Како дел од тој процес „Ехо“ го спроведува проектот за примена на модел за интегративен пристап на пакетот неопходни услуги за жени и девојки жртви на насилство. Во овој пакет на услуги се наоѓаат оние, коишто се на првата линија на поддршка и заштита на жените и девојките жртви на насилство. Тоа се всушност, полицијата, социјалните служби и правосудството, здравствените установи и специјализираните даватели на услуги, односно граѓанските здруженија – рече Пеева.
Таа забележува дека во системот за заштита на жртвите и превенцијата најслабата алка се социјалните служби, коишто се пренатрупани со други работни обврски. Теренските истражувања покажуваат и дека жените и девојките од руралните средини не се информирани за поддршката, што можат да ја добијат од институциите во случај на насилство. Пеева вели дека како невладини сектор се задоволни што Министерството за труд и социјална политика ги вклучува во сите овие активности околу законските измени. Последните анализи за бројот на жртви на насилство се правени во 2015 година, а во изминатите три до четири години се случиле над 30 фемициди, односно убиство на жена, затоа што е жена.
Во меѓувреме се чека и на донесување на законските измени во Законот за бесплатна правна помош, што во моментов е рестриктивен, па до бесплатна помош неможат да дојдат социјално ранливите категории на кои најмногу им е потребна и оваа помош.