Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини изјави дека лидерите на ЕУ денеска на Самитот во Брисел ќе почнат разговори за Западен Балкан и оти на таа тема ќе се навратат на средбата на врвот во јуни.
– Верувам дека ќе имаме добар почеток на разговорите за Западен Балкан. На таа тема ќе се навратиме во јуни. Со позитивниот развој на случувањата и вестите од регионот мислам дека можеме да констатираме тренд и да продолжиме со работата на Европскиот совет во јуни кој би требало да ја потврди јасната европска перспектива на целиот регион – изјави Могерини.
При доаѓањето на самитот во Брисел, таа порача дека на прашањето за Западен Балкан и неговата ЕУ перспектива се работи многу, како во Советот и Европската комисија, така и со партнерите од регионот.