Денеска во Прилеп под покровителство на градоначалникот Илија Јованоски се одржа конститутивен состанок на координативното тело на ФЕКК (Федерацијата на европски карневалски градови) – Македонија. Претставници од карневалските градови Прилеп, Струмица и Кавадарци, кои се членки на ФЕКК , го изгласаа раководствотона ФЕКК – Македонија. Тоа значи дека карневалските градови ќе имаат подобри релации со ФЕКК, ќе ја зголемат промоцијата на карневалите, а со тоа и туризмот во градовите и државата.
Претседателот на струмичкиот карневал Александар Цицимов, кој е член на бордот на ФЕКК – Европа, е избран за почесен претседател на ФЕКК Македонија. Ѓорѓи Пелтековски, претставник на ФЕКК од Струмица, е избран за претседател на координативното тело. Негови тројца потпретседатели се Ванчо Ѓорѓиев, претседател на прилепското здружение „Прилепски мечкари“, Ване Ристов-Патриков, претставник на ФЕКК од Струмица и Сања Митев, претставник на ФЕКК од Кавадарци.
– Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, на моите колеги со кои имавме успешна соработка изминативе години. Општина Кавадарци располага со многу традиции и е многу богата во тој дел. Ветувам дека ќе се грижам за поголемо претставување на нашиот град и на нашата држава, а исто така ветувам дека ќе се обврзам за помош и поддршка на сите мои колеги кои решивме сето ова да го направиме на едно многу повисоко ниво – изјави Сања Митев, потпретседател на ФЕКК – Македонија од Општина Кавадарци.