Една милијарда и сто милиони денари за доедукација, преквалификација, грант за сопствен бизнис

516

Министерките за правда и за труд и социјална политика, Рената Дескоска и Мила Царовска денеска, во Штип, учествуваа на граѓанската трибина „Фер општество – шанса за сите“, соопштија од Секторот за односи со јавноста при Владата на Република Македонија.

– Пред многубројните граѓани ги изнесоа  мерките и реформите кои се преземаат за подобрување на социјалниот и економскиот стандард на граѓаните, кои создаваат фер и праведно општество за сите. Министерката Дескоска потенцирајќи ги реформите кои опфатија намалување на многу трошоци кои во минатотото ги оптеретуваа граѓаните, како судските трошоци, трошоците на извршителите и ограничувањата на нивните исплати доколку се работи за социјално ранливи категории на граѓани, како и нотарските трошоци, информираше и за неколку законски измени, кои се пратени во Собранието. Како на пример Законот за прекршоци, каде прекршочните казни се намалуваат, не се ригорозни и се предвидува и опомена кога за прв пат се прави грешка, која се смета за прекршок – стои во соопштението.

„Дури и таа глоба ја намаливме, заради тоа што глобата не треба да ја затвори фирмата, да го банкротира граѓанинот“, рекла Дескоска додавајќи дека водени од овие заложби членовите на Владата предлагаат  намалување на претходните ригорозни казни за фирмите и граѓаните.

„Направивме рамка во Законот, која предвидува разлика, дистинкција меѓу глобите за малите и големите фирми“, рекла Дескоска објаснувајќи дека правична сразмерна казнена политика е во интерес на граѓаните, фирмите и економијата и со тоа се исправува долгогодишната неправда кон малите фирми.

„Минималната глоба ќе биде 250 евра, додека максималниот износ ќе биде 10.000 евра. Тука сакам да потенцирам дека има одредени случаи каде согласно со правото на Европската Унија ќе може да се изрекуваат и повисоки глоби и тоа е за заштита на животната средина, каде потенцираме дека имаме поголемо добро што штитиме и фирмите, фабриките мора да бидат свесни за да не ја загадуваат животната средина и дека во такви случаи глобите нема да бидат мали и симболични, туку сериозни“, рекла Дескоска, додавајќи дека поголеми глоби ќе бидат изрекувани и за заштита на културно-историското богатство.

– Министерката Дескоска на дебатата со граѓаните во Штип информираше дека во собраниска процедура се и законските измени кои предвидуваат ефикасност на работата на судовите, односно решавање на судските спорови во разумни рокови. Во оваа насока се и предвидувањата за казни на министрите, за службениците кои не постапуваат согласно судската одлука и не соработуваат со судовите – стои во соопштението.

„Во делот на другите реформи во судството, добиваме позитивни оценки од Меѓународната заедница, особено од Венецијанската комисија бидејќи ги внесуваме Европските стандарди во регулирањето на постапката, во однос на работата на судовите, одговорноста на судиите. Воведуваме и елемент на одговорност на Судскиот совет, бидејќи тој треба да води грижа за независноста на работата на судовите, но исто така и за почитувањето на правото од судиите“, истакнала Дескоска.  

Таа се осврнала и на Законот за спречување на корупција кој „постави строги правила за однесувањето на функционерите, а зборуваше и за транспарентната постапка за состав на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), која беше избрана вчера, според новите измени на Законот за ДКСК“.

– Како Владата се посветува на заложбата за подигнување на стандардот на граѓаните и негова социјална заштита, намалување на разликите по било која основа, како и заштита на правата на децата и овозможување на еднакви услови за образование на сите деца подеднакво – говорела министерката Царовска.

„За да кажеме дека една земја е одговорна кон оние кои што се наоѓаат во немоќ во даден момент од својот живот, ние треба одговорно да кажеме дека ќе трансферираме пари во тоа семејство со цел да спречиме целосно распаѓање или уништување на нечиј живот. Посебно на децата во едно семејство. Но притоа мора да ги активираме брзо и другите членови во тоа семејство за да се вратат на пазарот на трудот“, рекла Царовска.

Министерката за труд и социјална политика, појаснила дека новиот концепт значи „обезбедување висок адекватен минимален приход и брзо враќање и реинтегрирање на пазарот на трудот преку преквалификација и детално следење на овие граѓани во социјалните служби, а посебно внимание се обрнува и на децата, во која област, како што подвлече Царовска досега не се инвестирало“.

– Ќе добиваат сите деца од ранливите семејства, детски и образовен додаток,  но и децата на оние кои земаат минимална плата со закон утврдена во државата – порачала Царовска оценувајќи дека приходот се зголемува и за тие семејства.

„За да имаме редовно образование и изедначување на стартната позиција со останатите деца, за задржување на младите дома, Младинската гаранција продолжува преку Агенцијата за вработување и оваа година“, истакнала министерката Царовска.

„Минатата година опфативме 6.374 млади, од кои што 53 проценти, иако предвидовме 30 проценти, до 29 години, се корисници на тие мерки и покажува дека тие ги чувствуваат мерките и се потребни. Во 2019 година во Оперативниот план предвидуваме многу финансиски средства, рекордни, една милијарда и сто милиони денари (1.100.000.000) кои што ќе дадат можност што повеќе млади да се вклучат и да се доедуцираат, преквалификуваат, доквалификуваат  или да отворат сопствен бизнис, кој што ќе биде неповратно поддржан со грант од страна на државата. За да може да се стимулира нивниот бизнис, кој ќе носи приход за нив и нивното семејство“, истакнала министерката Царовска.

Таа објаснила дека тука е земена предвид и можноста за „вклучување на Фондот за иновации и технолошки развој и ако постои иновативен аспект е можно подолгорочно државата да се грижи еден мал бизнис да прерасне во голема компанија која подоцна ќе вработува и дополнителни лица“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...