Бранѓолица: Не фрлајте градежен шут во контејнерите!

862

Во текот на денешниот ден, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ –Скопје отстранија десет вреќи со градежен отпад исфрлени во контејнерите на улицата Лондонска, во скопската општина Карпош, вели м-р Ана-Марија Бранѓолица, стручен соработник за односи со јавноста при ЈП „Комунална хигиена“.

– ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје ги информира граѓаните дека отпадот кој се создава при извршувањето на градежните активности или реновирањето на нивните живеалишта, не смеат да го одлагаат во садовите за отпад поставени на јавни површини.  Овој вид на отпад може трајно да ги оштети специјалните комунални возила и со тоа да предизвика значителна финансиска штета на Претпријатието, како и проблеми при собирањето и транспортот на комуналниот отпад во градот – рече Бранѓолица.

Таа нагласува дека „садовите поставени од страна на ЈП „Комунална хигиена“ –Скопје, без разлика дали станува збор за надземни или подземни контејнери, канти или корпи за отпадоци, се наменети исклучиво за одлагање на комунален отпад“.

– Апелираме до граѓаните совесно да постапуваат со својот градежен отпад, истиот да не го исфрлаат ниту на јавните површини, затоа што на тој начин се создаваат диви депонии коишто ја загадуваат животната околина. Според Законот за јавна чистота, граѓаните на Скопје се должни градежниот отпад да го одложат директно во депонијата „Дрисла“ – додаде Бранѓолица.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...