ПРЕПИСКА Баџанакот на Талат Џафери смета дека е избран регуларно, Героски го повикува да се повлече

Нури Бајрами, новозбран член на Антикорупциската комисија, баџанак на претседателот на Собранието Талат Џафери, упати писмо до новинарот Бранко Героски. Неговото писмо, како и одговорот на Героски, ги објавуваме во целост.

4695

Писмо од Нури Бајрами, новозбран член на Антикорупциската комисија, баџанак на претседателот на Собранието Талат Џафери, до новинарот Бранко Героски:

Господине Героски,

Талат Џафери 16 години е во политиката и тоа секогаш на важни функции. Поради судирот на интереси и чистата совест, иако сме баџанаци, ние сме држеле коректни односи и тоа далечни. Ако не пошироко, во Гостивар сите тоа го знаат. Ниту побарал, ниту јас се обидував да бидам на некоја функција.

Се пријавив на овој оглас поради фактот што по прв пат во Македонија се спроведува јавна и транспарентна постапка со присуство на релеванти и компетенти фактори за спроведување интервју, со присуство на медиуми. Снимките се јавни и емитувани на собранискиот канал.

Ова не беше оглас каде одлучуваат само собраниски комисии зад кулисите и по партиски клуч. Не сум член на политичка партија веќе многу години, а на партиски и државни функции не сум бил никогаш.

Покрај другите услови, условот под ѓ“, во последните десет години лицето да не било пратеник во Собранието на Република Македонија, член на Владата на Република Македонија, да не било донатор на политичка партија или да не вршело функција во органи на политичка партија“, што произлегува од членот 11 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, е исполнет во целост.

Никаде во законот и во огласот не беше наведено, што правно и не може да се наведе, да не конкурираат блиски лица на функционери, туку како да се спроведува постапката. Талат Џафери не беше член ни на Комисијата за селекција и спроведување на интервју, ни на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата.

Сета почит кон вас и вашето искуство и залагање како новинар, аналитичар и колумнист, но постапката беше јавна. Многу тешки и навредливи се зборовите подло, безобразно и ниско“! Афективно и инерционо се става тешка дамка на новата формирана комисија и на сите учесници за спроведување на постапката по објавениот јавен оглас.

Со почит,
Нури Бајрами

Одговор на Бранко Героски до Нури Бајрами:

Почитуван г-н Бајрами,

Не ве познавам, иако доаѓате од мојот роден град. Дури и да сте најголемиот криминалец на овој свет, или најголемиот измамник, тоа што не ве познавам и не го знам тоа, или го знам но не можам да го докажам, ме обврзува да претпоставам дека сте добар и чесен човек.

Тоа е концептот на презумпија, кој вам веројатно ви е познат, поврзано со терминот презумпција на невиност. Презумпцијата е претпоставка заснована на веројатноста дека нешто може да се случи, или да не се случи.

Таа дејствува во насоката во која веќе ја спомнав (никој не е виновен, додека не се докаже спротивното), но и во обратната насока, кога постои веројатност нешто да се случи. Значи, можно е вие и вашиот баџанак да сте најчесните луѓе на овој свет, не велам не, но роднинската врска меѓу вас двајцата (непотизам) ја раѓа претпоставката која се заснова на веројатноста тој врз вас да изврши политички притисок во одлучувањето во Антикорупциската комисија.

Мора да сфатите дека таа претпоставка морално ве дисквалификува од постапката за избор, без оглед што сте ги исполниле законските услови. Комисијата што ве интервјуирала морала тоа да го увиди и недвосмислено да констатира дека вашата роднинска врска со г-н Џафери е пречка да бидете избран.

Пропустот на таа комисија и вашиот избор се она што го нареков „подло, безобразно, ниско“. Да сакав вас да ве навредам, овие три приидавки ќе ги поврзев со вас и ќе морав да ги употребам во прво, а не во трето лице еднина.

Уште еднаш ве повикувам да се повлечете од позицијата член на Антикорупциската комисија, а очекувам органот што ве избрал да ја преиспита својата одлука, да го увиди пропустот и да ја исправи грешката. Нам, на граѓаните, ни беше ветена нулта толеранција во борбата против корупцијата и затоа таа борба не смее да почне со непотизам во најоддговорниот државен орган за спречување на корупцијата. Тоа би било навистина подло, безобразно и ниско.

Пријателски поздрави,
Бранко Героски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...