Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи во рамките на неколкудневната работна посета на Вашингтон, оствари средба со Вилијам Беркли, директор за НАТО и европски прашања во Националниот Совет за безбедност при администрацијата на Белата куќа. Ова го соопштија од Кабинетот на заменик претседателот на Владата на Република Македонија.
– Веројатно не постои подобар тајминг за оваа средба, имајќи го предвид и формалното потпишување на протоколот за НАТО, со што Македонија и официјално седнува на столчето во евроатланската алијанса – изјавил Османи на средбата.
Тој го посочил овој успех како заеднички интерес на сите НАТО земји, а за што упатил особена благодарност за поддршката на САД во овој процес.
– Македонија останува доверлив партнер на САД во регионот, силно посветена на промоцијата на западните вредности, демократијата и стабилноста во регионот – изјавил Османи, пренесувајќи ја пораката од страна на Владата за посветеноста кон реформскиот процес, изградбата на стабилни и цврсти институции, како и добри односи со соседите.
Османи посочил на „активностите во реформскиот План 18, како основа и за напредок и во евроинтегративниот процес, посочувајќи на нашите очекувања за уште еден позитивен извештај и препорака од страна на Европската комисија, како основа на која очекуваме почеток на преговорите со ЕУ оваа година“.
– На денешната агенда на Османи се и посетите на најголемите американски меѓународни институти, каде ќе оствари средба со Пол МекКарти, регионален директор за Европа при Меѓународниот републикански институт ИРИ (IRI), како и со Шери Брајан, потпретседател на Демократскиот национален институт НДИ (NDI) – се вели во соопштението.