Се излизга дел од улица во Пржино, општината смирува

Општина Кисела Вода вели дека од фирмата изведувач, „Хантерес ДООЕЛ“ Скопје веќе започнаа со активности за санација на настанатата штета, како и изградба на нов потпорен ѕид.

3212

Се излизга дел од улицата Пандо Кљашев во скопско Пржино поради градилиште за нова зграда. Асфалтот сосе лимените тараби за градилиштето и старите потпорни ѕидови се одронил утрово во шест часот. На улицата немало никој па нема повредени. Поради опасност од нов одрон, полицијата го огради просторот па неколку семејства останаа без пристап до домовите, објави Макфакс.

Општина Кисела Вода соопшти дека веднаш по уривањето на, како што наведува, потпорниот ѕид, екипа на градежниот инспекторат излегла на терен и на изведувачот на градежните работи, фирмата „Хантерс ДООЕЛ“ Скопје веднаш му била издадена усна наредба за прекин на работните активности на објектите. Покрај ова, во моментов во подготовка е и решение за прекин на градежните работи.

„Инаку, од фирмата изведувач, „Хантерес ДООЕЛ“ Скопје веќе започнаа со активности за санација на настанатата штета, како и изградба на нов потпорен ѕид. На истата фирма – изведувач, од страна на Општина Кисела Вода и е наложено прво да изврши целосна санација на штетата, па потоа да започне со изведба на градежни работи на објектите. Воедно, изведувачот на објектите за кои поседува  дозвола за градба се обврза по завршувањето на градежните работи да изврши и асфалтирање на горната и долната улица Пандо Кљашев“, се наведува во соопштението од општината.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...