Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева денеска се сретна со претставници на парламентарната Група за соработка со Бугарија во Собранието на Република Македонија, предводена од заменик претседателката на собранието Фросина Ташевска Ременски, пренесува БТА.
На средбата присуствувале претседателот на Групата за пријателство со Република Македонија во бугарскиот Парламент Борис Вангелов, како и македонскиот амбасадор во Софија Марјан Ѓорчев.
– Од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, во последните осум месеци во односите меѓу Бугарија и Република Македонија се случија многу историски нешта. Добро се справуваме со напорите да изградиме нов тип отворени и пријателски, базирани на европски вредности. Храброста, која ја покажаа нашите премиери, како и пратениците од двете земји, кои го ратификуваа Договорот, веќе вроди со плод и доведе до многу позитивни резултати – рекла Захариева.
Таа истакнала дека посетата на македонската делегација е прва таква по 11 години, како и дека потпишувањето на Договорот создало позитивен импулс во различни сфери во билатералните односи.
Како пример за тоа, Захариева ги посочила податоците за раст од 11 проценти во трговската размена и 10 отсто раст на бугарските туристи кои што ја посетиле Република Македонија.
Нагласила дека Бугарија е конзистентна и категорична во својата поддршка за европската перспектива на своите соседи.
– Ние сме искрени и немаме скриени мисли. Помагаме не само со зборови, туку и со дела – изјавила Захариева, изразувајќи надеж дека Македонија ќе ги исполни резултатите и ќе добие датум за почеток на преговорите за време на бугарското претседателство со ЕУ.
Шефицата на македонската делегација Ременски, посочила дека Бугарија е искрен пријател на Македонија и дека, таа искреност ја почувствувале во пракса на средбите.
Според Ременски, Договорот што двете земји го потпишаа минатата година, е многу важен и за граѓаните на Република Македонија, од кои 75 проценти го оценуваат позитивно.
– Сметаме на вашата помош и експертиза во предпристапниот процес, вклучително и на институционално ниво – изјавила Ременски, пренесува БТА.
Таа додала дека, Македонија работи активно на исполнување на реформскиот план, во која насока е развојот на активната парламентарна демократија преку групите за соработка во македонскиот Парламент.