Стартува процесот на склучување договор за јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, чија цел е да се унапреди системот за стерилизација во областа на хирургијата и да се намали ризикот од постоперативни инфекции.
Како што соопшти владината прес-служба, овој модел на јавно-приватно партнерство е во согласност со одлуката која Владата ја донесе неодамна и е објавена во Службен весник.
„Согласно предложениот модел на јавно-приватно партнерство, опфатен е период од 15 оперативни години. Вредноста на инвестицијата е околу 16 милиони евра, а приватниот партнер ќе биде должен да ги вложи овие средства во период од две години, односно околу 35 проценти или 5,8 милиони евра во текот на првата година и останатите 65 проценти или 10,3 милиони евра во втората година од работењето“, соопшти Владата.
Моделот предвидува избраниот приватен партнер да биде одговорен за финансирање во четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација на територијата на државата, финансирање на изведба за реновирање/адаптирање на објектите во постојните центри за стерилизација (четири кои ќе бидат избрани како најсоодветни), понатаму целосно опремување на регионалните центри за интегриран менаџмент за стерилизација, обезбедување персонализирани комплети на стерилни хируршки инструменти, нивно редовно одржување и обновување во консултација со докторите хирурзи, обезбедување стерилизиран медицински материјал (облека и опрема), третман на медицинскиот и техничкиот отпад од хируршките сали, како и целосно менаџирање и управување со интегрираните услуги за стерилизација согласно прифатени стандарди и протоколи.
Јавниот партнер, односно државата како дел од партнерството, пак, ќе има обврска да обезбеди локации со објекти за четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација, да ја врши контролата врз обврските преземени од приватниот партнер, како и контролата и мониторингот над извршувањето на работите, и да го изврши плаќањето за извршената јавна услуга.
По истекот на предвидените 15 години, според моделот, приватниот партнер во целост на јавниот партнер ќе му ја предаде развиената инфраструктура, вклучително и целосно опремените четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација, обновени хируршки сали, нови хируршки инструменти, санитетски возила и софтверскиот ИТ-систем.
„Ваквата одлука на Министерството за здравство и Владата на Република Македонија е резултат на физибилити-студија која беше изработена во декември минатата година. Процесот на избор на јавен приватен партнер ќе се одвива транспарентно и во согласност со Законот за јавни набавки. Како прв чекор Министерството за здравство ќе организира стручна дебата за докторите хирурзи, како и со целокупниот медицински персонал кој ги извршува хируршките интервенции“, посочува прес-службата на Владата.
Од таму нагласуваат и дека со овој модел ќе се овозможи долгорочно унапредување на реализацијата на хируршките интервенции и ќе придонесе за поголем развој на здравствениот систем во целина, нови вработувања и редовни обуки и доквалификации за медицинскиот кадар.