Угледот на Специјалното обвинителство, институција која беше формирана за да ја крене довербата во правосудниот систем, забрзано се приближува кон рејтинзите и угледот што го ужива Јавното обвинителство. Затоа, сосемa легитимно сѐ поотворено се наметнува прашањето околу иднината на СЈО, неговата поставеност и ингеренции.
На почеток, драматичните настапи на обвинителката Фатиме Фетаи предизвикуваа внимание и дискусии. Сите разговараа и чекаа да ги видат доказите со кои што таа ќе ги поткрепи сериозните обвиненија за криминал. Како што изостануваа доказите, така се зголемуваше впечатокот дека станува збор за сценски настап, кој бледнее уште во првиот момент откако ќе се спушти завесата или ќе се исклучи камерата. Со време и ваквите настапи станаа нешто „веќе видено“, па мораше истите да добиваат на жестокост за да привлечат внимание.
Добро упатен извор на Плусинфо вака го толкува и денешниот настап на специјалната обвинителка Фетаи, која ги нападнала целиот Управниот суд и судиите, обвинувајќи ги дека суделе политички, а всушност, ниту Управниот суд, ниту судии од таму се наоѓаат на обвинителната клупа.
За нив Фетаи рекла дека биле на линија на ВМРО-ДПМНЕ и оти не биле за џабе тефтерчињата на Гордана Јанкулоска, кои ги слушавме во бомбите. Фетаи наводно прокоментирала и дека нема да е чудно тие да продолжат да судат партиски, но сега за другата страна.
Таа денешното рочиште го искористила и за напад врз Врховниот суд, кој исто така не се наоѓа на обвинителна клупа. Фетаи се осврнала и на правното мислење за СЈО, или, како што го нарекла, став кој според неа е неправен. Таков став, рекла обвинителката, врховните судии можеле да донесат, на пример, за Комисијата за спречување корупција, која не е овластена да покренува истраги, но може да иницира. Според законите, посочила Фетаи, овластен тужител е јавен обвинител или приватен тужител. А специјалната јавна обвинителка и нејзиниот тим се јавни обвинители, а не доаѓаат од фудбалската федерација.
Сето ова се случувало на рочиште од предметот „Титаник 2“ и легитимно се поставува прашањето дали на СЈО во овој момент му се потребни нови фронтови, зошто тоа се прави на овој начин и во судница?
Ефектот од ваквиот настап и заклучокот што може да го изведе јавноста е дека Фатиме Фетаи не сторила доволно во предметот, не обезбедила соодветни докази во поткрепа на обвинението и сега дискутира за сѐ друго освен за тоа што е предмет на расправа пред судечкиот судија, вели нашиот извор.
Тој додава дека навредите врз колегите судии, па макар тие биле и од друг суд, сигурно нема да му донесат поени на СЈО пред Кривичниот суд или пред јавноста. Особено кога истите не се соодветно поткрепени. Надмените и препотентни настапи, во кои обвинителство, па макар било и специјално, глуми суд и препорачува затворски казни, сигурно нема да ја вратат довербата во системот.