Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, ја посетија детската градинка Кочо Рацин, каде се инсталирани 17 висококвалитетни прочистувачи на воздухот, информира Општината.
Прочистувачите се донација од Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од активностите од планот за чист воздух на Владата што се спроведуваат во рамки на борбата против аерозагадувањето во нашата држава.
Потенцирајќи дека денешната посета е дел од активностите за обезбедување на поздрав и поквалитетен престој на најмладите во градинките, заменик министерот Макрадули рече:
– Останува определбата да се справиме со загадувачите и во таа долготрајна борба не смееме да ги запоставиме позитивните ефектите и решенијата што ги нудат прочистувачите на воздухот. Затоа, за нас приоритет се градинките и училиштата, со цел, најмладите, во просторот каде што го поминуваат најголемиот дел од денот, да имаат поквалитетен воздух и слободно да ги извршуваат сите активности.
Тој додаде и дека интензивно се работи на остварување на зацртаната цел во борбата против аерозагадувањето, а тоа е секаде во јавните институции, каде греењето се уште е на нафта или мазут, да се замени со еколошки начини на загревање.
– Во борбата за почист воздух, нашата Општина, Министерството за животна средина и просторно планирање, и Владата преземаат сериозни чекори да се обезбедат прочистувачи на воздухот за објектите каде што најмладите го поминуваат најголемиот дел од денот. На вчерашната 24-та седница на Советот на општината, прифативме донација согласно одлуката на Владата на РМ. Како донација на МЖСПП вкупно се донирани 17 прочистувачи за воздух и истите се распоредени во три објекта и тоа во ЈУДГ ОЦ „Кочо Рацин“ – 9 прочистувачи, ЈУДГ ОЦ „Раде Јовчевски Корчагин“ 5 и ЈУДГ ОЦ „13 Ноември“ – 3 прочистувачи. Во план е овој тренд да продолжи во соработка со Град Скопје, Министерството за животна средина и Владата – изјави градоначалникот Богдановиќ.