Етичките и професионалните стандарди на новинарството најмногу се прекршуваат од онлајн медиумите – 76,5 отсто, а потоа од телевизиите – 17,6 отсто, а од печатените весници и неделниците – 4,4 отсто, покажува бројот и видот на претставките што минатата година беа упатени до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).
„Од вкупно 68 поплаки поднесени до Комисијата во текот на минатата година, најголем број се од граѓаните – 33,8 отсто, потоа од медиуми и новинари – 25 отсто, од организации и здруженија од граѓанскиот сектор – 22,1 отсто, а од носители на јавни функции, институции и политички партии – 19,1 отсто. Од донесените 68 одлуки, во 38 случаи Комисијата утврдила прекршување на Кодексот на новинарите и изрекла морална санкција, а 16 жалби биле неосновани или надвор од надлежноста на Комисијата“, се наведува во соопштението од СЕММ.
За СЕММ, како што посочуваат, најзагрижувачки е фактот што најголем дел од прекршувањата се однесуваат на основните правила на етичкото новинарство: објавување точни, проверени и сеопфатни информации во 60,5 отсто од случаите и разграничувањето на фактите од мислењето на новинарот во 34,2 отсто од случаите). Во 31,5 отсто од регистрираните случаи новинарите не ја негувале културата на говор и не го почитувале принципот на примерна комуникација со јавноста.
Од СЕЕМ посочуваат дека особено загрижува тоа што 23,7 отсто од вкупниот број поплаки се однесувале на медиуми кои во јавноста ширеле говор на омраза, употребувале дискриминирачки искази или поттикнувале стереотипи, и на тој начин им нанесувале сериозна штета на припадниците на одделни групи.
– Публиката, која се информира главно од онлајн порталите или од други медиуми кои не ги почитуваат правилата на етичкото новинарство, станува лесен предмет на манипулација поради големиот број фабрикувани или полувистинити информации. Имајќи ја превид огромната манипулативна моќ на дезинформациите и на фабрикуваните или лажните вести што се шират под маската на „сериозно новинарство, СЕММ, во насока на поголема афирмација на саморегулацијата, апелира да се почитуваат правилата за интернет порталите (http://semm.mk/
Но, покрај воведувањето на овие правила, од СЕММ ги повикуваат сите медиуми да работат со професионален интегритет и да се заложат за доследна примена на основните принципи на етичкото новинарство. Советот ќе продолжи да го набљудува начинот на информирање на медиумите, како на оние кои се дел од членството, така и на оние кои сé уште не се негови членки и ќе повикува на доследно почитување на Кодексот на новинарите, како предуслов за припадност кон ова наше, заедничко, професионално тело за саморегулација во медиумите.