Денеска за Грција се затвора еден историски циклус од 11 години, што почна со гордост, а завршува со капитулација, рече надлежниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија и известувач за нацрт законот за ратификација на Протоколот за членство во НАТО, Јоргос Кумуцакос на почетокот на неговиот говор во грчкиот Парламент и се наврати на Самитот на НАТО во Букурешт, во 2008 година, „кога Караманлис, Бакојани и Меимаракис, до крај дадоа отпор на различните, упорни и силни притисоци да се согласат за членство на Скопје во НАТО“, јави дописничката на МИА од Атина.
Кумуцакос ги повтори неговите ставови изнесени на вчерашниот состанок на Комисијата за национална одбрана и надворешни работи дека денешното гласање е само технички и формален дел на веќе донесените одлуки и „формално затворање на штетниот договор“.
Тој истакна дека „Скопје веќе ужива во позитивните резултати од договорот“ и упати прашање, „кои се конкретните позитивни резултати за Грција?“.
– Интеграцијата во НАТО е првиот опиплив и конкретен позитивен резултат од договорот за Скопје. Со право слават. Со право слават, кога обезбедија признавање од вас на македонски јазик и идентитет, а сега обезбедуваат и членство во НАТО. Следи и процесот за отворање преговори за Европската унија, каде што како што кажа и Мицотакис ние нема да го напуштиме правото за вето – рече Кумуцакос.