Билјана Ивановска е предлогот на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања да биде претседател на Антикорупциската комисија, информира Илија Димовски претседател на Комисијата за избори и именувања. Заклучокот на Комисијата ќе биде доставен на гласање на пленарна седница.
Собраниската Комисија за избори и именување едногласно ги изгласа новите шест членови на Антикорупциската комисија.
– Од седумте најдобро рангирани кандидати Билјана Ивановска се предлага за претседателка на Антикорупциската бидејќи е прва од рангираните кандидати која конкурирала за претседател. Предлог листата ќе биде доставена за гласање во Собранието – рече Димовски.
Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Билјана Ивановска, Горан Трпеноски и Шемши Салаи се седумте прворангирани кандидати за членови во Државната комисија за спречување корупција, кои без расправа поминаа на Комисијата.
Прворангиран со 100 бодови е кандидатот Владимир Георгиев, второрангирана со 98,17 поени е Софка Пејовска Дојчиновска, трета на листата е Катица Николовска со 94.67 бодови, по неа е Нурио Бајрами со 93,57 бодови. Петто рангирана е Билјана Ивановска со 92,14 бодови, по што следат Горан Трпеновски со 89,29 бодови, Шемши Салаи со 89,17, Владимир Клековски и Рахамин Мизрахи со 77,86, Ељуард Муртезани со 73,57…
На ранг листата се објавени бодовите за 56 кандидати кои беа интервјуирани во изминатите денови од Комисијата за селекција, од вкупно пријавените 57 на огласот. Секој кандидат можеше да добие максимум 100 поени. Искуството и достигнувањата во борбата против корупцијата носеа максимум 40 бодови, а 60 бодови кандидатите можеа да добијат врз основа на тоа како се покажале на интервјуата.