Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која е и потпретседателка на СДСМ, на прашањето во емисијата „Граѓански форум“ на ТВ1, зошто СДСМ се залага за едно општество, а на партиската конвенција ќе бира партиски профил на претседателски кандидат, рече дека без однапред да лицитираат дали ќе биде партиски, надпартиски или непартиски, ќе изберат кандидат зад кој ќе може да застане партијата.
– Не само со ДУИ, ќе разговараме со сите наши коалициски партнери со кои минатиот пат заедно излеговме на избори. Не мислам дека СДСМ, како голема политичка партија, смее да си дозволи луксуз да мисли дека треба сама се да одлучи. Значи, сите коалициски партнери ќе бидат повикани на свадба – рече Шекеринска.
На прашањето, дали може да дојде до трка за претседателската функција меѓу две жени, неа и кандидатката за номинација од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска, Шекеринска вели дека не верува дека тоа ќе се случи.
– Во тоа има добра и лоша вест. Добрата е дека така Македонија би добила жена претседател, што е добро за Македонија, но и за една нова генерација на момци и девојки кои ќе растат во средина која ќе им праќа порака дека полот не треба да ти ја одлучи професијата, иднината или амбицијата – изјави таа.