Како што произлегува од расправата и од ставовите на членовите на Комисијата, нацрт законот од Министерството за надворешни работи „Ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристап на Република Северна Македонија“, е прифатен првично, во целост и од мнозинството, рече претседателот на Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања на грчкиот Парламент, Константинос Дузинас, на крајот од пет и пол часовната расправа, јави дописничката на МИА од Атина.
Откако надлежната Комисија даде зелено светло, за нацрт законот, на пленарна седница, утре ќе дискутираат пратениците, а расправата ќе заврши со гласање.
За да се изгласа Протоколот за членство во НАТО, потребен е минимум 151 глас.