Во Куманово денеска беа одбележани 75 години од загинувањето на Христијан Тодоровски Карпош.
Повеќе делегации, од Сојузот на Борците, од Општина Куманово, предводени од градоначалникот Максим Димитриевски, од АРМ, од политичките партии, граѓански организации, училишта кои го носат името на Карпош, положија цвеќе пред бистата на народниот херој во спомен куќата во Куманово.
Во обраќањето пред присутните, членот на општинското Здружение на броците и поддржувачите Драган Гачиќ, рече дека Куманово се гордее што токму овде е роден народниот херој, кој со своето животно дело засекогаш ја задолжи современата историја на македонскиот народ. Осврнувајќи се историјата и борбите на Карпош, тој истакна дека кумановскиот херој посебно бил ценет и кај соборците и кај населнието токму поради извршувањето на борбените задачи во борбите против окупаторите.
– Христијан Тодоровски Карпош, со својата храброст, умешност, раководење, командување, несомнено спаѓа во редот на легендарните команданти на народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија. Неговиот соборец Ацо Шопов инспириран го овековечи во поемата славниот командант на кумановските козјачки партизани-рече во обраќањето пред присутните – Гачиќ.
Вчера и здружението на армиски и полициски воени ветерани од активниот и резервен состав организираше свечена манифестација,одбележувајќи ја 75-годишнината од загинувањето на Карпош.
Христијан Тодоровски Карпош, роден е во Куманово,1921 година, а бил убиен од страна на бугарскиот окупатор на 7 февруари 1944 година за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско.