Во потрага по идеален претседателски кандидат

Во десницата денес недостигаат луѓе на „дваесет и првиот век“, денес нивните наративи – во политичка смисла - изгледаат (и звучат!) како од пред сто години. Nota bene: зарем нели нивните програмски определби се „цврсто за Европа и НАТО“?!

1117

Изминативе години партијата на Мицкоски и неговите пратеници, не е на одмет повторно да се потенцира (заради тоа како не треба во политичкото поле!) – беа нешто како бастион на простаклук, бахатост и политички екстремизам, како во Собранието така и надвор од него. Две години подоцна, после бегството на Груевски, суштински промени во нивното однесување нема, како што нема ниту во нивната идеологија. Се промени само технологијата, не нивната, туку општата: Македонија, односно власта го реши билатералниот спор со Грција, клучен предуслов за влез во Европската унија и НАТО. Mеѓучовечките односи и општествено-медиумската клима е далеку, далеку порелаксирана. Тоа не е многу, ама сепак не може да се каже дека е така одвратно анксиозна и хистерична како претходните години.

Приказната за името кое наизглед е техничко прашање, партијата на Мицкоски го претвори во „воена оргија“ (без скинати глави на рамена, фала богу) oд хистеричен популизам (а популизмот не е ништо друго освен реторичко насилство!). Следствено на тоа, Мицкоски се фати за некакво статутарно-процедурално прашање: примената на македонскиот јазик, ама на сите им е јасно дека јазикот е тука, дека нема ништо надвор од македонскиот јазик, и дека доминантното мнозинство граѓани ќе зборува, ќе чита, ќе пишува, ќе твори, во крајна линија ќе верификува документи, пријави, обрасци и слична хартија на македонски јазик. Сакам да кажам дека секое политичко прашање за кое ќе се дофати Мицкоски, тоа е формален повод за канонада од антиевропски пораки!

Слушајте, јасно ми е мене дека таквите политички пораки се во склад од една страна со национализмот, што во некоја мера на тоа имаат право, а од друга страна јасно ми е дека го претставуваат оној дел на гласачкото тело кое ги избра во Собранието. Меѓутоа, начинот на кој тоа го прават и „зачините“ со кои ги збогатуваат своите политички инвективи секако се индикативни. Во ред, рековме дека од нив одамна навикнавме на вакви работи, ама денешната офанзива на опструкција на договорот од Преспа е сосема конкретен и специфичен моментум низ кој десницата и Мицкоски го препознаваат како свој, односно го препознаваат како туѓ, решени да го експлоатираат до крај. Со бојкот, со негирање, со се што ќе им падне на памет.

Во десницата денес недостигаат луѓе на „дваесет и првиот век“, денес нивните наративи – во политичка смисла – изгледаат (и звучат!) како од пред сто години. Nota bene: зарем нели нивните програмски определби се „цврсто за Европа и НАТО“?!

Пред сѐ, за нивната ригидност (да не речам „цврстина“), а уште повеќе во длабочина, би можело итекако да се дебатира. Друго, поважно, власта посакува да има десница како на Мицкоски, што би значело еден вид на „системска десница“, отколку да има некои нови, некомпромитирани, пред се „живи“ и, да ги наречам во слободна форма еден вид „антисистемски конзервативци“. Затоа во денешниот контекст и околности Мицкоски е добар како „страшило“, ама и како сојузник во резерва. Од друга страна, навистина верувам дека Заев ќе ја продолжи прозападната агенда, и дека таа ќе биде нивна трајна „ориентација“, затоа што не сакам да мислам дека и кај нив се работи за конфузија, проевропски (некритички?) опортунизам, еклектицизам и купување на време од ден за ден.

Што се однесува до самиот Мицкоски, јасно е дека тој веќе истрча во претседателската трка со своите јуришници. Сигурен сум дека себе се гледа како „македонски Трамп“, се разбира и Путин (каде може нешто во оваа земја без Путин!?), само што сѐ уште не е јасно на кое место ќе биде нивниот претседателски кандидат – има ли шанса Влатко Ѓорчев да биде Димитри Медведев? Или госпоѓата Силјановска Хилари Клинтон?

На другиот политички спектар, Зоран Заев ќе игра со неговите сѐ уште неоткриени џокери. Односно Зоран Заев е во улога на „џокер“, оној што дели улоги. А останатите само играат. Нема тука лутиш – такви се сите власти – таква е и нашата. Тоа нема да му падне тешко затоа што има големо искуство во превртување на партиски фигури, а од друга страна, сиот прозападен ветар му дува в грб. Реално, после договорот што го испорача, верувам дека ќе биде оставен во земјава да прави што му е волја, а таа негова волја колку е добра, толку е и лоша. Верувам дека денешната политичка сила која реално ја има, ќе ја искористи на најдобар можен начин. Верувам дека ќе работи на себе (да биде подобар како човек и како политичар!) и другите (да ги насочи да работат на себе), само во интерес на граѓаните на оваа земја кои се отруени од злоба, несреќа и сиромаштија. Ете, за сета жртва која ја даде, јас му верувам во неговите добри намери. Не ми паѓа на ум таквата волја да ја доведам под прашање или да ја осуетам, бидејќи, ете, знам од каде исплива и со кои околности се соочува.

Но, сепак, најважно од сѐ погоре е дека и Македонија има искуство со сите нив; преостанува да се види – до претседателските избори – што Македонија од таквото искуство научи. На крајот на краиштата, од позција на обичен граѓанин, нив им е добро, што е сега важно дали се работи за десет или дваесет години изолација, беда и несреќа, нив им е добро сите овие години. Не разбираат дека опозицијата во оваа земја мора да биде јака, да биде коректив и балансер на политиките на власта. И рокот на владеење да им го скрати на некој разумен период. А сега се прашувате кој е тој разумен рок на владеење? За волја на вистината, немам одговор на тоа прашање. Можеби шест години би било сосема доволно, а можеби осум години, ама повеќе никако.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...