Предметот „ТНТ“, се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Огнен Ставрев, а меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Предметот „Тортура“, во кој обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски-Пуки и уште петмина припадници на единицата, се наоѓа во доказна постпка.
Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
Ново судско рочиште денеска треба да се одржи и за случајот „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски и уште две други лица.
Во овој предмет станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.
Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.
Случајот „Тотал“ се однесува даночно затајување од страна на новинарот Драган Павловиќ-Латас како сопственик и управител на фирмите за маркетинт и конслатинг услуги „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал Медиа Центар“ ДООЕЛ Скопје.
Павловиќ-Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 заедно со правни лица со намера да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давале лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјада евра, а Павловиќ-Латас за 63 илјади евра.