Дваесет и четиригодишната Луела Флечер – Мичи, ќерка на познатиот британски актер Џон Мичи, беше пронајдена мртва во шума каде се одржуваше фестивалот „Бестивал“ во 2017 година. Сега е утврдено оти починала од дрогата која ја земала од 29-годишниот Сеон Бротон, со кој била во врска и кој ја снимал додека умирала.
Тој не и помогнал бидејќи се плашел дека ќе ја прекрши условната казна затвор. Бротон изјавил дека не е виновен за нејзината смрт и набавката на дрога. Обвинителот тврдел дека Бротон и дал на својата девојка дрога „2ЦП“ додека биле на музичкиот фестивал.
– Тој не мислел ништо лошо, а Луела своеволно го земала тоа што и било дадено, но тоа имало трагични последици – додал тој.
Обвинителот нагласил дека девојката починала по „долго мачење“, а Бротон продолжил да ја снима и кога била вознемирена, целата во пот и кога навистина и се слошило, неколку часа пред смртта. Тој и рекол дека драматизира и дека е „кралица на драмите“.
– Продолжил да снима дури и кога била мртва – додал тој.
На видеото се гледало како ќерката на актерот неколку пати извикува Бротон да и заѕвони на нејзината мајка, а тој и велел да го остави телефонот. Керол Флечер – Мичи на крајот разговарала со ќерка си и се загрижила кога и го слушнала врескавиот глас. Родителите на девојката толку многу се загрижиле што тргнале на пат кон фестивалот, а во меѓувреме повеќе пати му ѕвонеле и му пишувале пораки на Бротон.
Сем, братот на починатата, исто така го барал Бротон и му рекол да побара медицинска помош. Бротон му рекол да го бара за еден час и додал дека Луела „драматизира“.
– Неговата неможност да и понуди помош потекнува од себичноста. Да постапел како што треба, знаел дека има можност да биде уапсен и кривично гонен – рекол обвинителот, додавајќи дека неговото нереагирање било суштинско за смртта.
Адвокатот на Бротон рекол дека тој се обидел да ја изнесе својата девојка од шумата, но не успеал бидејќи имало трња и коприви.
Според него, Луела купила дрога пред Бротон да дојде на фестивалот и дека тој може да биде виновен само за негрижност. Исто така рекол дека досега никој не починал од земање дрога „2ЦП“.
– Сион и Луела беа заљубени и самоволно одбраа да земат дрога заедно. Грешки, дури и сериозни грешки, не се доволни за тој да се прогласи за виновен за вакво дело – истакнал адвокатот.
Тој додал дека парот сакал да се снима додека зема дрога.
ФОТО: Инстаграм