Соопштението од ОЈО за бегството на Никола Груевски не ја исклучува кривичната одговорност за евентуални помагачи на Груевски да побегне. Нормално е дека на крајот ќе знаеме што и како е направено и кој помогнал, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во Отворено Студио 1 на 1 ТВ.
– Индиции постојат за повеќе луѓе, не само од МВР, туку и надвор, кои се смета дека биле логистика во бегството, но тоа треба да го докаже истрагата, а МВР и стои на располагање. Постојат сомневања за повеќе лица, МВР соработува со ОЈО, кое и во соопштението посочи на сомневање во повеќе лица, но за сега не може да се објави нивниот идентитет, ќе се чека исходот на процесот – рече Спасовски.
Тој рече дека бегството на Груевски и на напаѓачот на Зиладин Села предизвикале политичка штета на Владата, затоа што постојат сомневања во јавноста.
– Случајот покажува слабости на системот кои мора да бидат детектирани и ако не успееме да ги отстраниме ќе ни се случуваат вакви работи. Треба да се внимава на мерките притвор што ги одредува судот и начинот на кој се спроведува надзорот на луѓето, не може да се остават слободни без преземање на ниту едно дејствие и да сметаме на совеста на луѓето дека ќе останат да ја издржат казната – рече министерот за внатрешни работи.