Котизацијата за членството на Република Македонија во НАТО годишно ќе ја чинат земјата 1,2 милиони евра, изјави вечерва вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
– Според разговорите кои што ги имавме во НАТО, проценките, калкулациите, негде околу 1,2 милиони евра ќе придонесува Македонија во буџетот за НАТО. Тоа не е голема сума. Факт е дека најголемиот дел од инвестирањето во НАТО е инвестирање во нашата одбрана и во нашата армија, а дека овој дел на трошоци не се трошоци од кои зависи буџетот на една земја – рече Шекеринска во гостувањето на емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Таа најави дека по потпишувањето на протоколот за членство во НАТО ќе следи зголемување на персоналот на Мисијата на Македонија во седиштето на Алијансата поради зголемениот обем на работа.
– Нашата мисија во НАТО има одбранбен и дипоматски дел значи претставници од Министерството за одбрана и МНР. Според нашите планови, целта ни е во нашата Мисија во НАТО да имаме 15 претставници од Министерството за одбрана од кои најголемиот дел ќе бидат воени лица. Значи фокусирани на воената соработка, најверојатно десет воени лица и пет цивили или државни службеници. Во моментов таму имаме четворица, кои многу брзо ќе бидат помогнати со уште двајца државни службеници и воено лице и во тек се конкурси за уште три места. Така што очекувам релативно брзо, во следните 2-3 месеци таму да имаме девет до 10 лица и до крајот на годината да ги пополнуваме и останатите – рече Шекеринска.
Таа рече дека следниот месец прв пат, после долго време ќе испратиме наш претставник во командата во Монс, за да се подобрат и воените врски, бидејќи, како што посочи, голем дел од соработката со НАТО ќе биде со многу изразена воена димензија.
– Навистина беше штета што неколку години по ред немавме свој човек во Монс. Оваа година испланиравме, обезбедивме повеќе од 100-процентно зголемување на бројноста на персоналот во Мисијата. Меѓутоа и тие сите заедно оваа година ќе имаат неверојатно многу работа. Она што е важно е дека во сите овие разговори кои што ги имавме со НАТО минатава година и половина околу Стратегискиот одбранбен преглед, околу Планот за продолжување на реформите, неподелен беше впечатокот дека ги имаме вистинските луѓе и дека ги имаме ресурсите да бидеме успешни – рече министерката за одбрана Шекеринска.