ВМРО-ДПМНЕ: Го поздравуваме потпишувањето на пристапниот протокол за НАТО, но останува чувството на горчина и понижување

429

ВМРО-ДПМНЕ го поздравува потпишувањето на пристапниот протокол за НАТО за Република Македонија. Ова е важен ден за Република Македонија и денес се завршува една неправда нанесена на државата од пред повеќе од 10 години, рече портпаролот на партијата Димче Арсовски.

Тој додаде дека влезот на Република Македонија во НАТО е долго очекуван и заслужен уште од 2008-тата година. Република Македонија уште на самитот во Букурешт ги имаше исполнето сите реформи и услови за полноправно членство, но за жал тогаш беше спречена да стане членка само поради противењето на Република Грција и нејзиниот проблем со нашето уставно име и идентитет, кои сега на штета на граѓаните и државата на непринципиелен начин беа сменети по нивна мера.

-Мораме да признаеме дека секој успех за Република Македонија и секој чекор напред за државата и граѓаните е причина за поздравување на истиот. НАТО е наша стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ и процесот за исполнување на условите е во голема мера заслуга на владата на ВМРО-ДПМНЕ изминатите години која континуирано инвестираше во армијата и нејзините капацитети, преку многубројните учества во мисии и тоа не може да го негира никој. На штета на граѓаните, останува чувство на горчина и понижување длабоко кај сите нас, од една болна причина што власта не се ни обиде да најде подобро решение на проблемот со името кое ќе биде балансирано и кое нема да ги погази сите македонски црвени линии, како што е случајот сега, односно решение кое нема да биде безусловно прифаќање на сите грчки уцени на недостоинствен и понижувачки начин за Република Македонија и граѓаните – рече Арсовски.

Тој повторно ја повика СДСМ и Владата да се охрабрат и да излезат на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...