Нема пречки судиите да изрекуваат алтернативни мерки наместо затвор

246

Со комплетираната легислатива и со обезбедените соодветни просторни услови, опрема и персонал нема никаква пречка судиите да започнат со изрекување на алтернативните мерки, рече заменик-министерот за правда Оливер Ристовски на денешната тркалезната маса за промоција на пробациската служба во Македонија и придобивките од заживување во пракса на системот за алтернативно санкционирање на сторителите на кривични дела на слобода.

Првиот човек на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ информира дека досега се отворени девет пробациски канцеларии во кои работат 22 пробациски службеници и оти тоа е иднината на затворскиот систем во Македонија.

Тој додаде дека и досега судиите изрекуваа алтернативни казни и оти според последните статистички показатели дури 80 отсто се такви изречени казни, а само 20 отсто завршувале со казна затвор.

Стојановиќ потсети дека пред неколку дена Управата за извршување на санкции со Градот Скопје потпиша меморандум за соработка, со кој е предвидено осудените лица на полесни кривични дела за кои е пропишана затворска казна под три години да извршуваат општокорисна работа во јавните претпријатија, со што и практично почна во пракса да се применува пробациската служба согласно Законот за пробација донесен во 2015 година.

На тркалезната маса на која учествуваа претставници од сите релевантни институции за извршување на пробациски работи во Македонија, се обратија експерти од Германија во областа на правосудствотo и пробацијата.

Настанот беше организирана од Управата за извршување на санкциите и Германската Фондација за меѓународна правна соработка IRZ во рамки на активностите на твининг проектот „Јакнење на пенитенцијарниот систем и пробациската служба “, финансиски поддржан од Делегацијата на Европска Унија во Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...