Разгледувајќи ги сите аспекти во врска со прекинувањето на работниот ангажман на Ивор Мицковски во телевизија „Телма“, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници заклучи дека не е и не може да биде задоволен со начинот на кој е спроведен овој чин.
„Нетранспарентната и несоодветна постапка на прекинот на работниот ангажман на нашиот член покажува дека лошите практики во македонското новинарство и натаму продолжуваат, наспроти прокламираните заложби за реформирање на медиумскиот сектор“, се наведува во реакцијата на ССНМ.
Според синдикатот вака извршениот чин наведува на сомневање на постоење надворешни и политички притисоци и остава простор за влевање страв кај вработените во медиумите и тренирање на послушност.
„ССНМ остро протестира против ваквиот третман на новинарите и медиумските работници и уште еднаш укажува дека продолжувањето на ваквата пракса може да има несогледливи последици во вкупниот медиумски амбиент“, се додава во реакцијата.