Жена со ампутирани раце ќе може да носи ташна и сама да се облекува со електронските протези

Целта е овие помагала да ги направиме што подостапни до лицата со посебни потреби, па оттаму измените и на Законот и на Правилникот, а наскоро ќе се формира и посебен сектор за ортопедски помагала - велат од Фондот. 

233

Лицата со посебни потреби ќе може да доплатуваат при набавка на надстандардни ортопедски помагала, наместо да го плаќаат целиот износ како досега, предвидуваат измените на Законот за здравствено осигурување и на Правилникот, кои сѐ уште не се донесени. Додека, за пациентката на која и се ампутирани двете раце, а која ќе добие протеза со електронска шака и со функционален лакот со кои ќе може сама да јаде, да се облече, да носи ташна, набавката на протезата е според постојниот Правилник – појаснија денеска од Фондот за здравствено осигурување.

За овие протези, во Фондот утврдена е референтна цена која изнесува околу 40.000 евра.

– Со овие  протези, осигуреното лице ќе може да обавува 70 отсто од функцијата на вистински раце, Корисникот го притиска прекинувачот со брадата, така се управува со протезата. Целта на Фондот е да овозможи континуирана достапност на квалитетни помагала до лицата со посебни потреби, па оттаму измените и на Законот и на Правилникот. За таа целФондот е во фаза на формирање на посебен сектор за ортопедски помагала.  Во овој сектор се предвидени да бидат ангажирани 10-тина вработени меѓу кои и лекари, а директор на секторот ќе биде Даниела Стојановска Џинговска, која и самата е лице со посебни потреби, а која доаѓа од невладиниот сектор и по професија е дефектолог, па оттаму, таа добро ги знае проблемите со кои се соочуваат овие лица во земјата – велат од Фондот и додаваат дека се прават постојани анализи, врз основа на кои се ревидира списокот на ортопедски помагала.

Во овој период, се работи на анализа за лесните и ултралесните колички за лицата со параплегија и квадриплегија, како и други барања од лицата со попреченост и граѓанските здруженија.

– Настојуваме да излеземе пресрет на лицата со посебни потреби затоа и ги правиме законските измени, а ако треба ќе го зголемиме и буџетот, во рамки на можностите на Фондот. Во минатата година за ортопедски помагала Фондот одделил 576 милиони 280 илјади денари, што е за 10 милиони повеќе во однос на претходната година. Но некогаш не е сѐ до нас – еден од проблемите е што добавувачите не ги набавуваат сите видови ортопедски помагала кои им се неопходни на пациентите – велат од Фондот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...