За бегството на Груевски сослушани 56 лица, се проверуваат 60 телефонски броеви, но одговорни нема

Груевски на ист датум во септември подигнал 120.000 евра од неговите сметки, но никој немал сознанија дека планира да бега. Во истрагата досега биле сослушани 56 лица, набавени се листинзи од 60 телефонски броеви на лица за кои обвинителството се сомнева дека помагале и организирале, а се собирале снимки од камери во хотели, гранични премини и камерите на улиците во Скопје. Интересно е што албанските органи прво испратиле писмо дека ги собрале материјалите ама не можат да ги испратат бидејќи се обемни, а кога наши претставници отишле да ги земат, им кажале дека се избришале.

371
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по речиси три месеци конечно излезе со детали за случајот со бегството на експремиерот, а сега осуденик Никола Груевски. Меѓутоа, кој учествувал во организацијата на бегството односно дали некој кривично ќе се гони како помагач, сѐ уште не е откриено.

Исто така и кај институциите односно службените лица утврдени се пропусти, но до овој момент обвинителот кој го води предметот не утврдил дека некој сторил кривично дело.

– До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство – велат од обвинителството.

По низата новинарски прашања и бројните прозивки од јавноста од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, денеска излегоа со отчет за тоа што направиле досега.

– Заради обезбедување докази и утврдување на фактите во предметот, обвинителот издаде наредби за одземање на снимките од видео надзорот од камерите на Safe city системот во Скопје, од повеќе хотели и други објекти, од патниот правец кон Шпиље и Дебар, од аеродромот во Скопје, како и од сите гранични премини кон Република Албанија. Притоа, од три хотели во Скопје Обвинителството доби одговор дека не се во можност да го екстрахираат снимениот видео материјал, по што надлежниот јавен обвинител издаде наредба за одземање на приемниците за снимање и нивно вештачење. Целокупниот прибран видео материјал со големина од околу 10 терабајти е доставен за анализа до Министерството за внатрешни работи. По таа наредба се уште се постапува – наведуваат од обвинителството.

Од Интерпол, преку МВР, пак, доставиле информација дека не постојат податоци за излез на сега осудениот Никола Груевски на ниту еден граничен премин од Република Македонија во критичниот период. Паралелно и од увидот извршен во Интегрираниот систем за гранична контрола, утврдено е дека не постои евидентиран излез од територијата на Република Македонија на осудениот.

Обвинителството објаснува и дека уште на 19 ноември побарале снимки од Црна Гора и Албанија и интересно е тоа што албанските органи прво испратиле известување дека ги собрале материјалите, а кога наши претставници отишле да ги земат им кажале дека снимките се избришале.

– По барањето, црногорските власти постапија веднаш и на 21.12.2018 година екипи од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција лично го презедоа снимениот видео материјал во Подгорица. Надлежните органи од Албанија, по две ургенции, на 09.01.2019 година го известија Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дека побараниот видео материјал е обемен и дека не поседуваат опрема за негов  пренос. Екипи од Обвинителството со хард дискови се упатија во Албанија за да го преземат бараниот материјал, но притоа беа усно известени дека материјалот не е сочуван, односно дека времетраењето на чувањето на снимениот материјал се разликува на различните гранични премини и изнесува околу еден месец од последниот баран датум – посочуваат од обвинителството.

Кога се во прашање други детали од истрагата, оттаму посочуваат дека издадени се 16 наредби за листинзи од вкупно 60 телефонски броеви од лица кои биле поврзани или за кои се сомневале комуницирале со Груевски во критичниот период.

– Листинзите се обезбедени и од нив првично се утврдени некои факти кои се предмет на натамошно постапување и анализа – велат од обвинителството, но за какви факти станува збор не наведуваат.

Биле сослушани и вкупно 56 лица: шестмината членови од обезбедувањето на Груевски; 28 полициски службеници од граничните премини; пет службени лица од МВР и 17 други лица.

Обвинителството, потенцираат оттаму, во неколку наврати побарало од надлежните служби да му бидат доставени информации и податоци за начинот и преземените мерки во обезбедувањето. Исто така, од повеќе надлежни институции биле пратени барања за податоци дали имале сознанија дека Груевски планира да избега, но сите одговориле дека немале такви сомнежи.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја потврди и информацијата дека Груевски во септември 2018 година, на ист датум од три различни банки,  подигнал околу 120 илјади евра од сопствени сметки, за што банките пријавиле до Управата за финансиско разузнавање и до СЈО.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...