Теодоракис: Сакаме решение на спорот со името, но под одредени услови

280

Сложено име за севкупна употреба, но и бришење на „агресивниот дух кон Грците“ од Уставот, учебниците и секојдневниот живот во соседната земја, се позициите на лидерот на партијата „Река“, Ставрос Теодоракис за прашањето за името.

Во интервју за грчката телевизија „Скај“ Теодоракис вели дека неговата партија, како и Движењето за промена, во кое членуваат Река, заедно со ПАСОК, сакаат да се реши проблемот, „затоа што не е толку голем колку што го претставуваат“. Меѓутоа, тој поставува и одредени предуслови за решение.

-Едно сложено име за севкупна употреба, паралелно со конкретни обврски од нашите соседи дека ќе има бришење во нивниот Устав и во учебниците. Многу инсистирам на учебниците затоа што тие ја градат свеста, дека од нивното секојдневие, од нивната култура, ќе се избрише овој агресивен дух кон Грците и кон грчката Македонија – вели Теодоракис за „Скај“.

Лидерот на Река одби директно да одговори каква ќе биде позицијата доколку договорот дојде во грчкиот Парламент. Гласањето, според него, ќе зависи од самиот предлог и што тој точно ќе содржи, збор по збор, јави диписникот на МИА од Атина.

Фото: EPA/LAURENT DUBRULE

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...