Сите несреќни, освен арамиите

Наместо да се постави прашањето како може толку долго да се должи (ако воопшто се должи) за некоја услуга, се кројат планови како „сите да бидат среќни и задоволни“, а патем и некој политички поен да се прибере.

1004

Водовод, струја, греење, скриени и нескриени давачки, други и трети сметки, камати, казни… Да се немало ни трошка совест и срам. Ги мачат и им го загорчуваат животот на луѓето кај што ќе стигнат, едно белевче старо со години може да се претвори во катиљ ферман и да го уништи денот, неделата, месецот…

Кога ќе видат поштар на вратата, на луѓето им се стемнува, затоа што низ земјава дивеат арамии со пенкало и печат, чие мастило боли повеќе отколку истрел од пушка сачмарка. Само раат да не биде човек.

Кај го има тоа, сметки стари по десет и повеќе години да се наплаќаат, па и да се опростуваат? Педантните љубители на процедурите тука веднаш ќе забележат дека за тоа постојат тужби, па затоа и се наплаќаат. Е, не оди така! Такви и слични трикови се наоѓаат само во арсеналот на корумпираните бирократи што исплетоа дебели слоеви пајажина врз животот на луѓето.

А што со БЕГ? Тие мрсни кабадаии со години наплаќаат и таму каде што има и каде што нема што да се наплати. Кај се чуло и видело тоа што тие го прават? Ги трпевме за време на Грујо, ги трпиме и сега. Оние, поупорните, се обидоа да ја побараат правдата на суд, протестираа на улица, пишуваа постови на Фејсбук, даваа изјави… Неуспешно. Ништо од тоа не допре до затнатите уши на тие што делат „правда“ во оваа земја. И чија фамозна реформа никако да започне. БЕГ ќе наплати и овој месец. И следниот, веројатно. И месецот потоа.

Арамиите што станаа милионери од (знаеме како) приватизираната јавна сопственост, а и оние што јавната сопственост ја третираат како свој и партиски атар, наплаќаат рекет преку државата. Државата им е потрчко на апашите што не знаат колку пари имаат. И, им плаќаме. Им плаќаме по два и повеќе пати за малку или за ништо.

Им плаќаме со нашите пари, им плаќаме со нашите даноци, со казните, со каматите, со здравјето, со нервите, со достоинството… Им плаќаме со нашето ужасно здравство, со нашето никакво образование, со нашите пензии, со нашата сегашност и со нашата иднина и иднината на нашите деца… Со сето тоа им плаќаме и малку им е.

ОК, се укина радиодифузната такса, 190 денари повеќе ќе имаме во месецот, шуќур. Казните се намалија, ама дали бројот на казните остана ист? И кој ги плаќа? Кој не ги плаќа знаеме – оние што ни за паркинг не плаќаат, а се возат во коли од по 40.000 евра па нагоре…

Не минува ден, а да не видиме како се заобиколуваат главните прашања и се носат решенија што имаат краток рок. Наместо да се постави прашањето како може толку долго да се должи (ако воопшто се должи) за некоја услуга, се кројат планови како „сите да бидат среќни и задоволни“, а патем и некој политички поен да се прибере. Наместо да се спроведат истраги за начините на работа, за квалитетот на услугите, се опростуваат долгови. Тие пари повторно некој треба да ги плати.

Во оваа работа не може сите да бидат среќни, бидејќи парите не паѓаат од небото. Напротив, небото го загадија и ни го заградија. Ни го скратуваат животот на безброј начини, нѐ тепаат кај стигнат, а не ни даваат ни да плачеме.

И наместо државата да исплаќа милионски долгови на приватни, па и јавни претпријатија, може да им се сврти на судовите и да ги праша како тоа им „пресудуваат“ на семејните буџети на најранливите, оние што се мнозинство во оваа сиромашна земја. Потоа, да им се сврти на компаниите и јавните претпријатија и да ги праша како тоа не успеале да наплатат сметки со години. И за што воопшто наплаќаат. И како…

Истовремено, истражните органи можат да ги прочистат ушите, за до нив да допре глас, па нека е и лажен, дека во судските архиви се прават антидатирани документи, опомени, тужби… Па нека излезат и нека кажат дали тоа е точно или неточно. Па престапниците и нека ги амнестираат ако сакаат, под услов да ги поништат сите такви процеси и одлуки. Да здивнат луѓето малку. Нека донесат закони што ќе ги оштетат само арамиите, а не сите, освен арамиите.

Ако тоа го направи државата, читај: Владата, тогаш сите ќе бидеме среќни, освен арамиите. И буџетот нема да исплаќа милионски долгови и луѓето ќе здивнат, особено оние што редовно ги плаќаат сметките, ама не се поштедени од арамиски трикови. А милионерите ќе останат милионери.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...