Повеќе од 20.000 луѓе се евакуирани од јавни објекти, трговски центри и училишта во Москва и околината, по анонимна дојава за поставени бомби испратена преку електронска пошта.
Евакуирани се околу 90 згради, меѓу кои училишта, факултети, трговски и деловни центри, болници и управни згради, наведува новинската агенција РИА Новости, повикувајќи се на информации од итната служба.
Спроведена е евакуација и во вториот по големина руски град Санкт Петербург, каде во претходните денови веќе имало лажни предупредувања за бомба.
Никакви сомнителни предмети не биле пронајдени при извршените претреси по евакуациите.
Властите соопштија дека заканите за бомби пристигнале преку електронска пошта од странство, конкретно од Украина.
Во текот на 2017 година Русија веќе беше погодена од масовни анонимни дојави за поставени експлозивни направи, поради што беа евакуирани вкупно два милиона луѓе. Ниту тогаш не беше пронајдена никаква бомба.