Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро ги отфрли барањата на опозицијата за итно спроведување на вонредни избори за шеф на државата. Тоа тој го изјави денеска во ексклузивното интервју за телевизискиот канал РТ.
– Проблемот е во опозиција, а не во тоа да спроведам уште едни избори. Во изминатите 20 години имаше 25 избори. Во последната година и половина се одржаа шест изборни кампањи. Изборите (за претседател) во 2018 година се случија порано од предвидениот рок на предлог на опозицијата – рече Мадуро.
Тој притоа истакна дека единствените избори, кои ќе се одржат во блиска иднина, се „парламентарните, согласно изборниот календар, и ќе се случат во 2020 година.
Мадуро предупреди дека можната воена интервенција на САД ќе им донесе големи човечки и воени загуби.
– Се подготвувам за тоа, цената која САД ќе ја платат при можна интервенција (врз Венецуела) ќе биде неповратна (за нив) од гледна точка на воени трошоци и човечките загуби – истакна претседателот на Венецуела.
Мадуро, исто така, потенцира дека „војната може да се избегне со помош на дипломатијата и меѓународното јавно мислење”. Но „тоа не значи дека ние не се подготвуваме да ја заштитиме нашата света земја”, изјави Мадуро.
ФОТО: EPA / MIRAFLORES PRESS / HANDOUT