Министерот за култура Роберт Алаѓозовски ги оцени како шпекулации информациите дека ноќеска требало да биде отстранет споменикот Воин на коњ на централниот плоштад во Скопје.
– Немаме активна постапка за отстранување друг споменик освен оној по кој беше постапено (Андон Јанев – Ќосето). Така што, шпекулации се тврдењата и бранувања во јавноста дека ќе отстрануваме некој следен споменик – изјави денеска Алаѓозовски по потпишувањето договор за донација од турската агенција ТИКА за Националниот конзерваторски центар.
Посочи дека тие одлуки ги носат трезвено и по долга анализа и дека работните групи за проектот Скопје 2014 досега имале изработено неколку елаборати.
– Во моментот кога тие ги предаваат своите елаборати во Министерството, ние понатаму сме во координација со другите надлежни институции кои произлегуваат од предлог заклучоците или од она што е напишано во елаборатите и постапуваме понатаму. Во таа смисла, понекогаш ги контактираме и Јавното обвинителство, Финансиската полиција, Специјалното јавно обвинителство, како и Општина Центар или Град Скопје доколку и тие на некој начин имаат надлежност во однос на елаборатите и се координираме – проверуваме дали се прекршени законите, дали има други прекршувања на законите. Сето тоа бара време, а понекогаш е потребно да се направат дополнителни елаборати во однос на специфична област – рече Алаѓозовски.
Елаборатот за споменикот Воин на коњ, рече дека им е пристигнат пред повеќе од два месеца и е препратен до сите надлежни институции што ги посочи, додавајќи дека понатаму ќе постапуваат инспекторите од тие органи.