Десет кандидати се пријавиле на огласот на ВМРО – ДПМНЕ во трката за претседател на државата, објави Владо Мисајловски, потпретседател на најголемата опозициска партија на денешната прес конференција.
Професорката Гордана Силјановска Давчева, пратеникот Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, поранешен директор на Државниот архив, Горан Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика, Горан Ангелов, поранешен градоначалник на Виница, Илија Димовски, професор во пензија на Шумарскиот факултет, Васко Костов, фармацевтски техничар, Никита Шехтуковски, професор на ПМФ, Сашо Кутлешовски, доктор по земјоделски науки се пријавените кандидати, а кој ќе ја добие довербата на делегатите ќе се знае на 16 февруари на партиската Конвенција во Струга.
Една од пријавите била отфрлена бидејќи била доставена по завршување на рокот во кој беше отворен јавниот повик.
Мисајловски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе им овозможи на сите пријавени, еднаков пристап до општинските комитети на партијата во периодот од 6 до 16 февруари кога ќе можат да ги претстават своите програми.
– Сите кандидати ќе имаат еднаков третман и еднакви можности да бидат избрани, согласно принципите и демократијата. Транспарентноста и демократијата на овој процес е со цел да биде избран кандидатот кој ќе го претставува мнозинското мислење на граѓаните и ќе работи согласно законите и Уставот, во полза на сите граѓани – рече Мисајловски.