Посетата на парламентарната делегација на штабот на НАТО во Брисел го одложи одземањето на имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски. Засега нема најава кога претседателот на Собранието Талат Џафери ќе го закаже продолжението на пленарната седница за одземање на имунитетот на опозицискиот пратеник откако тој вчера ја отвори расправата.
Собраниски извори брифираат дека Џафери ќе чека да се врати парламентарната делегација од Брисел за да ја продолжи собраниската расправа за имунитетот на Димовски. Информациите се дека Џафери не сака да ризикува со потребното апсолутно мнозинство од 61 глас за одземање на имунитетот на Димовски.
Во посета на Брисел се 11 пратеници од кои седум од владеачкото мнозинство. Во Брисел се Илија Димовски, шеф на делегацијата на ПС на НАТО, Катерина Кузмановска и Весел Мемеди, членови на делегацијата, Хари Локвенец, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, Илија Николовски, заменик-претседател, Емил Димитриев и Џеват Адеми, членови, како и Ане Лашкоска, Шпреса Хадри, Емилија Александрова и Африм Гаши.
Вчера при отворањето на пленарката за имунитетот на Димовски, претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитени прашања Павле Богоевски, посочи дека Собранието согласно процедурите по кои постапува треба да им овозможи на судовите непречено да ја извршуваат својата работа.
Тој ги демантираше тврдењата на опозицијата дека Собранието врши политички прогон. По неговото обраќање, Џафери ја одложи седницата и нагласи дека ќе биде презакажана. За збор за расправата за имунитетот на Димовски се јавија повеќе пратеници.
Димовски, заедно со уште двајца поранешни министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и поранешниот заменик-министер Кристијан Делев се под истрага за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.
На веб страницата на Собранието за утре има закажана пленарна седница, но на неа не е точката за одземање на имунитетот на Димовски.