Л.А. Лејкерс ја подобриле својата понуда за Ентони Дејвис, објавија американските медиуми.
„Езерџиите“ силно посакуваат да го привлечат крилото и веќе имаат понудено на Њу Орлеанс неколку од младите кошаркари, меѓу кои Лонзо Бол, Брендон Инграм и Кајл Кузма, 2 избори од Драфтот, но и можност Пеликанс да добијат слободни пари под таванот за плати, откако тимот од Калифорнија се подготвени да го земат и Соломон Хил.
Меџик Џонсон имал серија разговори со генералниот менаџер на Њу Орлеанс, Дел Демпс, а надежите во таборот на Л.А. се дека ќе биде постигнат договор пред крајот на трансфер прозорецот кој се затвора во четвртокот вечерта по македонско време.
Се смета дека самиот Дејвис сака да премине најмногу токму во Лејкерс, иако дал листа на Њу Орлеанс со тимови, со кои би потпишал долгорочен договор ако биде трејдуван во нив. Меѓу неговите посакувани дестинации се уште Њујорк Никс, Милвоки и Л.А. Клиперс, а интересно е дека не сака да оди во Бостон, за кој се шпекулираше претходно дека има големи шанси да го привлече.
Реално сепак, два од овие тимови не можат да го привлечат. Никс немаат што да дадат во замена по разделбата со Кристапс Порзингис, а „елените“ немаат доволно добар состав и дури не упатиле барање за „веѓата“.
Така остануваат двата тима од Лос Анџелес, а шансите на Лејкерс почнуваат да изгледаат уште посериозни, откако Клиперс ќе располага со слободни пари во текот на летото и тогаш се очекува да го земе Каваи Леонард од Торонто, кој ќе биде слободен агент.