Амди Бајрам ќе биде подобар претседателски кандидат од Гордана Силјановска

Професорката Силјановска претендира да биде шеф на држава чие (ново) име не го признава. Како ќе се заколне? Како ќе рече дека ќе го брани Уставот што де факто не го признава, почнувајќи од насловот? Партијата што ја кандидира не го признава новото име на нашата земја. Како таа утре би ја претставувала Република Северна Македонија? Како би била врховен командант на армијата на земја членка на НАТО, кога таа НАТО не може да го смисли? Не разбирам како воопшто би одела на работа, кога се знае дека пред нејзината резиденција ќе стои табла со новото име на нашата држава, а згора на тоа таблата ќе биде и – двојазична?!

8651

Да, добро прочитавте. Тврдам дека циркузантот Амди Бајрам ќе биде подобар претседателски кандидат од уважената професорка Гордана Силјановска, за која се зборува дека би можела да биде тркачот на најмоќната опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ. Дури, ако се случи чудо, рамно, на пример, на научно откритие дека планетата Земја не е топка туку рамна плоча, па СДСМ си дозволи да ги изгуби претседателските избори, Бајрам би бил подобар претседател од Силјановска.

Немам ништо добро да ви кажам за Амди Бајрам. Тоа е еден тип со нула капацитет да претставува било кого и било што во политиката, освен својата алчност за малку власт и привилегии. Тоа е човек кој својата бескарактерност ја издигна на ниво на врховен политички принцип („секогаш со власта, по секоја цена“), принцип кој, како што гледам, општо се прифаќа и дури и се фали од познати јавни личности. Можам само да кажам дека ми се гади од тоа меѓусебно глупандерско лицемерие, од тој патолошки однос меѓу циркузантот и нашите нови мефистофелеси.

Немам ништо особено лошо да ви кажам за професорката Силјановска. Во ред, за нејзиното политичко минато, за фри-шоповите и за сличните „афери“, оставам да си читате самите и на друго место, ако веќе се палите на такви приказни. И секако, не ми пречат ригидните ставови на професорката против компромисот за името и Договорот од Преспа, против НАТО генерално и против двојазичноста. Секој има право на личен став, а луѓето од нашата академска заедница имаат дури и морална обврска да се изјаснуваат за клучните политички прашања. Кога не се согласуваме со нивните ставови, наша обврска е кон нив да градиме Волтеровски однос – да создадеме можност тие погледи да допрат до јавноста.

Сепак, проблемот на Силјановска е многу сериозен. Нејзините политички ставови, кои се совпаѓаат со политичката платформа што ја маргинализираше нашата опозиција во овој период и речиси ја одведе на слеп колосек, дефинитивно се суштинска пречка таа да се натпреварува за позицијата шеф на државата. Тие ставови утре можат да бидат дури и формална пречка таа да ја преземе функцијата, ако се случи тоа чудо.

Професорката Силјановска претендира да биде шеф на држава чие (ново) име не го признава. Како ќе се заколне? Како ќе рече дека ќе го брани Уставот што де факто не го признава, почнувајќи од насловот? Партијата што ја кандидира не го признава новото име на нашата земја. Како таа утре би ја претставувала Република Северна Македонија? Како би била врховен командант на армијата на земја членка на НАТО, кога таа НАТО не може да го смисли? Не разбирам како воопшто би одела на работа, кога се знае дека пред нејзината резиденција ќе стои табла со новото име на нашата држава, а згора на тоа таблата ќе биде и – двојазична?!

Амди Бајрам, човек без карактер, се разбира, нема такви проблеми. Претседателската трка за него е шанса од Заев да побара уште некоја привилегија. И веројатно да ја добие. Но, за Силјановска сакаме да мислиме дека е жена со тврдо „вјерују“, со карактер, конечно со нужно ниво на суета, ако ништо друго барем да го сочува својот личен интегритет, да не исплука сѐ за што говорела сиве овие години.

Но, велам, нема простор за грижа. Чудо нема да се случи. СДСМ против Силјановска, дури и со кандидат „пепељара“, ќе оствари голема изборна победа. Никој да нема дилема дека Заев и неговата екипа на терен овој пат ќе истрчаат со веќе патентираните железни опинци, идеални за секакви предизборни и изборни фаули. А против кандидатка која ризикува само да ѝ падне чаламот (објективно, тоа е ризикот на Силјановска, сите други штети ќе одат на контото на раководството на ВМРО-ДПМНЕ), нема ни да има потреба од фаули.

Ете, затоа укажувам на ограничувањата што професорката Силјановска ја прават непогоден вмровски кандидат за оваа претседателска трка. Многумина тоа го сфаќаат како фаворизирање на Влатко Ѓорчев. Не, јас ја фаворизирам идејата со цврст партиски кандидат, оваа партија да ги искористи изборите да раскрсти со авантуризмот и со пропаднатите агенди и распознавајќи ја новата политичка реалност и ориентирајќи се подобро во просторот и во времето – да се консолидира. Време е. Искрено мислам дека една таква, консолидирана, западно ориентирана и силна ВМРО-ДПМНЕ ѝ е потребна на Македонија, сега можеби повеќе од кога било порано.

Простете, ама Гордана Силјановска навистина не е човек за таков потфат. Го знае тоа и таа, а богами го знае тоа и врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...