Кривичен преку Јовески ќе бара автентично толкување од Собранието за СЈО

769

По начелното правно на Врховниот суд дека рокот на СЈО од 18 месеци за покренување обвиненија е истечен, како и дека ова обвинителство не може да покренува нови истраги, судиите од Кривичниот суд во Скопје вчера попладне на состанок одлучиле да се обратат до републичкиот јавнен обвинител Љубомир Јовески.

Тие ќе бараат тој да се изјасни кој сега е надлежен за предметите на СЈО, дали тимот на Катица Јанева или некое од редовните обвинителства, а од Јовески ќе се бара да покрене и иницијатива до Собранието за таму да се направи автентично толкување на членот 22 од законот за СЈО за кој минатата недела се произнесоа врховните судии.

– Колегиумот на судии при Основниот суд Скопје 1 донесе заклучук да се обрати до Јавниот обвинител на Р.Македонија, Љубомир Јовевски, со барање тој да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од СЈО. Воедно судот бара Државниот јавен обвинител да иницира автентично толкување на член 22 од Законот за СЈО од Собранието на Р.Македонија,
бидејќи само законодавецот може да даде автентично толкување на
Законите – велат од судот.

Оттаму велат дека додека Јовески не се произнесе, во сите предмети судот ќе постапува согласно Законот за кривична постапка, а за предметите на СЈО кои се итни и неодложни, а се добиени по истекот на рокот за кој Врховен даде мислење, кривичните совети ќе си постапуваат за да не дојде до непотребно одолговлекување.

Минатата недела врховните судии донесоа начелно правно мислење во кое наведуваат дека СЈО не може да покрене обвинение или да запре истрага по истекот на рокот од 18 месеци откако ги презело „бомбите“, рок кој истече на 1 јули 2017 година.

„СЈО може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за СЈО, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка“, е мислењето на Врховните судии.

Со ваквото мислење Врховниот суд ги става под знак прашалник низа истраги кои СЈО ги покрена по тој рок од 18 месеци. Покрај истрагите, тука е и обвинението за предметот „Талир“ кој се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ за кој судењето треба да стартува на 18 февруари.

Истрагите, пак, ги има десетина меѓу кои се: „Империја“ во која меѓу осомничените се Орце Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделевски и други; „Попис“ и „Лидери“ против Никола Груевски и Али Ахмети; „Пациент“ каде меѓу осомничените е Бујар Османи како поранешен министер за здравство; „Моќник“ против Антонио Милошоски; „Хармонија“ во која опфатени се Никола Груевски, Миле Јанакиески и Стевчо Јакимовски; „Друмарина“ против Силвана Бонева; „Рентген“ каде осомничен е Никола Тодоров и др.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...