Македонија во јуни може да ги почне преговорите со Европската унија, порача денеска премиерот Зоран Заев кој е во посета на Софија, каде оствари средба со неговиот бугарски колега Бојко Борисов.
За развојот на соработката во разни сектори, проекти во областа на инфраструктурата и транспортот, за спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, но и за можноста за укинување на царинските давачки разговараа двајцата премиери на средбата во бугарскиот главен град.
Заев по средбата истакна дека повторно ја изразил својата благодарност бидејќи Борисов и неговиот кабинет за време на претседавањето со ЕУ дале поттик за постигнување на Договорот за Грција за решавање на спорот со името. Потпишувањето на Договорот за добрососедство, додаде Заев, дало импулс за преговорите со Грција и за решавање на долгогодишниот спор.
Тој нагласи дека бугарскиот премиер има голем заслуга што Македонија ќе стане членка на НАТО.
– Освен тоа уште во јуни имаме можност да ги почнеме преговорите со ЕУ. Изразувам голема благодарност до бугарскиот народ и премиерот Бојко Борисов, бидејќи тоа немаше да биде можно ако Борисов со својата храброст, со својот европски дух и на европски начин, карактеристичен за 21. век не помогна во потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија. Благодарение на тој Договор, лично јас како премиер на Македонија имав храбрсост и сила да продолжам и да влезам во решавање на спорот за името на нашата држава – рече Заев.
Македонскиот премиер нагласи дека трговијата со Бугарија бележи раст по потпишувањето на Договорот за добрососедство.
Борисов изјави дека во моментов трговската размена меѓу двете земји изнесува 605 милиони евра и додаде дека ќе се работи на укинување на царинските давачки меѓу двете земји.
Бугарскиот премиер изрази благодарност до ЕК за поддршката на интеграцијата со земјите од Западен Балкан. Тој напомена дека бугарското претседателство со ЕУ ќе остане запаметено во историјата поради тоа што темата за интеграција на Западен Балкан ја изнело на маса.
Борисов нагласи дека се што е договорено меѓу Македонија и Бугарија станува реалност, нагласувајќи дека Коридирот осум веќе се гради.
Програма за соработка во областа на културата до 2021 година потпишаа денеска во Софија министрите за култура на двете земји, Асаф Адеми и Боил Банов. Во македонската владина делегација е и националниот координатор за култура, Роберт Алаѓозовски.
Пред средбата во Министерскиот совет, Адеми и Банов положија венци пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина по повод 147-годишнината од раѓањето на револуционерот.