На седница на Собраниетио на Република Македонија, закажана за попладне во 15.30 часот, ќе се расправа за барањето за одобрување притвор на пратеникот Љупчо Димовски, поднесено од скопскиот Кривичен суд. Ова ќе биде второ гласање за одземање на имунитетот на Димовски откако првпат тој му беше одземен кога пратеникот стана осомничен за настаните од „крвавиот четврток“.
Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во саботата со пет гласа „за“ и четири „против“ го прифати барањето на судот за притвор на Димовски и му предложи на Собранието да го одобри.
Димовски, заедно со уште двајца поранешни министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и поранешниот заменик-министер Кристијан Делев се под истрага за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.
На Цветков и на Делев им е одреден триесетдневен притвор, а на Спасеновски заради утврдени здравствени проблеми му беше определена мерка „куќен притвор“.
На барање на Обвинителството за организиран криминал, на сите четворица осомничени судот им го замрзна и имотот.