Ниту постои какво било кривично дело, ниту, пак, воопшто постои делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, вели адвокатот Сашко Дуковски кој е бранител на Митко Чавков во случајот „27 април”.
Тој е првиот од одбраната кој ги изнесува завршните зборови во судскиот процес кој се води пред Кривичниот суд во Скопје, откако тоа на минатото рочиште го направија и обвинителките Вилма Русковска и Ивана Трајчевска. Дуковски смета дека нема докази оти Чавков го сторил делото.
– Како дејствија на извршување во обвинението се наведува „со неиздавање наредби за обезбедување дополнителни полициски сили за обезбедување на внатрешноста и надворешноста на Собранието” и со тоа наводно е овозможено да се влезе – рече Дуковски кој продолжи со тоа дека во ниту еден момент не смее да има дилема како вушност е сторено кривичното дело.
Во таа насока тој посочи дека во обвинението е наведено дека наводната толпа во прв обид не успеала на влезе во Собранието оти имало безбедносна заштита на вратите, а успеала да влезе кога сега амнестираниот Крсто Мукоски ја отворил вратата. Тогаш, според адвокатот е сторено кривичното дело, а не со дејствијата за кои се товари Чавков.
Дуковски потенцираше и дека неговиот клиент е тој кој уште во март 2017 иницирал да се формира оперативна акција „Платформа” односно тело во МВР кое ќе има задача да спроведува стратешко-координативни задачи во врска со протестите што било и сторено, но преземањето на конкретни дејствија е во надлежност на Секторот за внатрешни работи, во случајот СВР Скопје. Во таа насока, тој посочи и дека во однос на ангажирањето на полициските сили, колку барања за дополнителни полицајци и специјални имало, толку биле и одобрени.
Дуковски во своите завршни зборови се осврна и на изјавите на сведоците, меѓу кои го спомена и заштитениот С1 за кој рече и дека сите во судница го знаат со име и презиме кој е, но не може да го кажат бидејќи тоа не е дозволено со закон. Адвокатот посвети внимание и на исказот на тогашниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, чие сведочење според него повеќе личело на давање одбрана. Сведочењето на Нухиу тој го спомена и во насока на тоа дека само од неговиот исказ не може да се заклучи дека Чавков имал умисла за извршување на делото за кое се товари.
– Умисла за вакво кривично дело не се формира за еден час затоа што тоа е невозможно. Значи Митко Чавков е иницијатор на почетокот на месец март за формирањето на оперативната акција Платформа, секојдневно учествува во нејзината работа, самиот тогашен министер Агим Нухиу наведува дека претходно имал коректен и колегијална однос особено при разрешување на одредени кривични дела и сега, види чудо, имаме наводно нејавување на телефон на директор на БЈБ (Митко Чавков) и веднаш имаме директна умисла за ова кривично дело и секако обвинение за тоа. Нухиу во исказот вели и дека кога Чавков на 27 април вечерта дошол во оперативниот штаб на МВР повторно бил кооперативен. Како може само заради тоа што некому не се јавил да биде обвинет за ова кривично дело? – потенцираше Дуковски.
По Дуковски, со завршни зборови на 6 февруари ќе продолжат и адвокатите на другите обвинети, а по нив и секој од обвинетите ќе може да ги каже своите завршни зборови.