Двајца припадници на АРМ од тетовската касарна „Кузман Јосифовски-Питу“ утринава околу 10 часот се донесени во болницата во Тетово со прострелни рани.
Доктор Фатмир Салију од тетовската болница за МИА информира дека војниците биле со прострелна рана и искршеници на екстремитетите и заради тоа се префрлени во скопските клиники.
„Според првичните информации, при чистење на оружје „митралез“ испукан е еден куршум при што со прострелни рани во надколеница и подколеница се повредени професионалните војници М.Ј и В.Ш. Веднаш по настанот истите се пренесени во Јавната Здравствена Установа во Тетово од каде се утврдени фрактури на коски и по првично санирање на повредите се префрлени на хируршка интервенција во Клиничкиот Центар „КАРИЛ“ во Скопје. Двајцата војници се во стабилна состојба, надвор од животна опасност“ соопштија од Генералштабот на АРМ.
Надлежните органи од МВР и АРМ, информираат оттаму, работат на целосно расчистување на случајот. За резултатите од истрагата, најавуваат, јавноста дополнително ќе биде известена.
ФОТО: АРХИВА