Судијката Оља Ристова се повлече од „Титаник 3“ поради притисок од Катица Јанева

876

Судијката Оља Ристова која го води предметот „Титаник 3“ против обвинетите Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ, побара, а претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев прифати, да ја тргне од судскиот процес и предметот да го даде на нов судија, што значи дека судењето ќе почне од почеток.

Причината за ваквото барање е изјава во телевизиска емисја на специјалната обвинителка Катица Јанева, дека судот не преземал ништо во однос на заканите кои ги упатувал адвокатот на Ејуп Алими кон обвинителот Гаврил Бубевски, како и поради тоа што специјалната обвинителка изјавила дека не се воспоставува ред во судницата на рочиштара за овој предмет.

Изјавата Јанева ја дала во емисијата КОД на Телма, емитувана на 27 јануари 2019.

– Во однос на оваа изјава, судијата Ристова смета дека со ваквото неосновано медиумско влијание за предмет за кој и онака секоја расправа се одвива во присуство на претставници на медиуми, невладини организации и меѓународни претставници во земјата, се врши директен притосок и се доведува во прашање нејзината независност и непристрасност во постапувањето, што отвора сомнеж во јавноста. Во тој правец и Судот овие изјави на СЈО, ги разбира како обид за директен притисок врз судијата, иако медиумското следење на предметот од поднесување на обвинителниот акт преку неговата оценка и отпочнување на главната расправа се одвива со постојано присуство на медиумите и соодветни известувања за јавноста. Судот смета дека во постапката на овој предмет судијата има излезено во пресрет во однос на сите барања на странките, а редот во судницата никогаш не бил доведен во прашање – велат од Кривичен.

Сепак, потенцираат оттаму, за отстранување и на најмал сомнеж за пристрасност, Џолев го прифатил барањето на Ристова да биде изземена.

Предметот „Титаник 3“ сега согласно АКМИС системот ќе се распореди кај друг судија и формално ќе треба да почне од почеток.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...