Вкупно 17 обвинети, од првично 33, за настаните во Собранието на 27 април 2017 година, денеска во Кривичниот суд во Скопје треба да започнат со изнесување на нивните завршни зборови. Сите се обвинети за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, освен еден кој се товари за помагање на истото дело. Прва се очекува да се произнесе одбраната на поранешниот министер за внатрешни работи и тогашен директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков. Обвинетите имаат право да дадат свои завршни зборови, а можат и да останат на она што ќе го кажат нивните адвокати.
На минатото рочиште, заврши зборови дадоа обвинителките Вилма Русковска и Ивана Трајчевска. Русковска тогаш посочи дека е убедена оти со доказите и сведоштвата во судница докажале оти обвинетите се виновни и побара осудителна пресуда за делото за кое минималната затворска казна е 10 години.
Во завршните зборови, обвинителката посочуваше и сведочења од заштитениот сведок С1, што за новинарите и останатата јавност беше првпат да можат да слушнат што кажал тој бидејќи сведочеше зад затворени врати. Според она што го кажа Русковска, тој посочил дека Чавков бил во контакт и директно ги организирал останатите обвинети, Јане Ченто и Александар Василевски Нинџа, кој по 27 април 2017 му биле лути на ексдиректорот на БЈБ кој, според заштитениот сведок, работел под директива на Никола Груевски. Заштитениот сведок, како што изнесе обвинителката, кажал и оти Јане Ченто и Игор Југ биле меѓу оние кои носеле пиштоли и требало да ги убијат Зоран Заев, Дамјан Манчевски и Зијадин Села.
Покрај на детали од исказот на заштитениот сведок, Русковска се осврна на целото обвинение и на секој обвинет поединечно. Исто така, обвинителката порача и оти очекува и организаторите на „крвавиот четврток“ наскоро да се најдат во судница, но во изјава за медиумите не сакаше да открие повеќе детали за тоа до каде е и што покажала предистрагата.
Судскиот процес за „27 април“ во неговата завршница тече со преполовена обвинителна клупа бидејќи 15 обвинети од вкупно 33 се спасија со Законот за амнестија кој пред Нова година го донесоа пратениците во Собранието. Обвинети останаа само 17.
Од нив 12 бараа амнестија, но не добија: Горан Јошевски – Леви, Александар Василевски-Нинџа, Горанче Ангеловски – Ќосето, Никола Митревски – Кољо, Абдуљфета Алими, Митко Пешов, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Младен Додевски, Вилијам Михајловски, Влатко Трајков и Оливер Поповски. Другите петмина, пак, воопшто и не побараа да бидат амнестирани: Игор Дурловски, Митко Чавков, Душко Лазаров, Јане Ченто и Игор Југ.
Во овој предмет за помагање на делото обвинет е и Сашо Марковски, вработен во УБК, но на него му се суди во одделна постапка бидејќи во текот на судскиот процес му се влоши здравствената состојба. Тој бараше амнестија, но не доби.
Инаку, меѓу 15-мината кои добија амнестија се: пратениците Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски; водачите на протестите „За заедничка Македонија“ Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен и Владо Јовановски; како и Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.